„Диор“ ја ангажираше Каролин Дерош Паскје за директорка за односи со медиумите и ВИП личности
Париз – Како што дознава WWD, модната куќа Dior ја ангажираше искусната експертка за комуникации, Каролин Дерош Паскје, на позицијата директорка за односи со медиумите, ВИП личностите и културни врски.
„Нејзината кариера опфаќа области како комуникации, креативна соработка, меѓународни пазари и културни односи, што ѝ овозможува широка перспектива за развојот и изразувањето на луксузните брендови“, наведуваат од француската модна куќа во соопштението, кое првично беше споделено со WWD.
Дерош Паскје ќе ја преземе новата функција на 16 ноември и тесно ќе соработува со Џонатан Андерсон, креативниот директор на Dior.
Таа ќе биде директно одговорна пред Оливие Биалобос, заменик-извршен директор на Dior, задолжен за глобалните комуникации и имиџот на брендот.
Пред ова, Дерош Паскје беше потпретседателка за глобални комуникации во Versace, а претходно три години ја извршуваше функцијата директорка за глобални комуникации во Bottega Veneta.
Каролин Дерош Паскје, која е француска државјанка, има извршувано различни улоги во областа на односите со јавноста, маркетингот и комуникациите, како во Европа, така и во САД.
Пред ангажманот во Bottega Veneta, таа беше директорка за маркетинг во Stella McCartney во Лондон, а претходно и виша потпретседателка за глобални односи со јавноста и комуникации на брендот во Coach во Њујорк.
Во Париз, таа работела и како директорка за глобални комуникации во Givenchy, во времето кога таму беше Рикардо Тиши, а има искуство и од работа во Louis Vuitton и Yves Saint Laurent – компании во кои претходно во својата кариера работел и Биалобос.
Иако нејзиниот делокруг на работа е поширок, се очекува Дерош Паскје да ги преземе одговорностите што претходно ги извршуваше покојната Матилда Фавие. Фавие беше дел од одделот за односи со јавноста (PR) во Dior цели 13 години, сè до нејзината смрт во сообраќајна несреќа во август минатата година.
Според најновите податоци од Launchmetrics, за време на последната Модна недела во Париз, Dior го зазеде првото место според вредноста на медиумското влијание (Media Impact Value – MIV), која достигна 192 милиони долари. Dior, исто така, се најде на врвот според „видливоста преку вештачка интелигенција“ (AI Visibility) – нова метрика што го мери присуството на брендот во одговорите генерирани од вештачка интелигенција на платформи како ChatGPT, Claude, Gemini и Perplexity.