Филипче: Кој е Мицкоски да ја продава Алта банка?
Премиерот Христијан Мицкоски треба да одговори во кое својство бара купувачи за Алта банка и дали тој посредувал и при влезот на српската банка во Македонија, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција.
„Го слушам изминатите денови премиерот Христијан Мицкоски како кажува дека нашол купувачи за Алта банка. Тој нашол купци за Алта банка. Во кое својство? Што е премиерот Мицкоски? Дилер, посредник, пронаоѓач на потенцијални купувачи на банки кај нас?“, праша Филипче.
Тој побара одговор дали Мицкоски имал улога и во преземањето на поранешната Стопанска банка Битола од страна на српската Алта банка.
„Кога веќе гувернерот Трајко Славески кажа дека бил информиран за влезот на Алта банка тука кај нас, првата работа којашто се наметнува како прашање после оваа негова изјава е дали тој, исто како што сега наоѓа купци за Алта банка Скопје, бил човекот којшто ја донел Алта банка Србија кај нас“, изјави Филипче.
Според лидерот на СДСМ, премиерот бил запознаен со случувањата околу влезот на српскиот капитал во македонскиот банкарски сектор, а неговата партија повеќе од една година предупредувала за наводни врски со српската владејачка СНС.
Филипче го проблематизираше и прашањето кој би бил заинтересиран да ја купи банката, посочувајќи на стечајот на Алта банка во Белград и на информациите за притворот на нејзиниот сопственик.
„Кој би купил банка за која Славески вели дека уште лани била на стаклени нозе? Така кажува гувернерот. А сега гледаме дека Алта Београд е во стечај, а газдата е во притвор“, рече Филипче.
Тој изнесе и сериозни обвинувања за потеклото на капиталот, повикувајќи се на медиумски објави од Србија за наводна поврзаност со криминални пари, корупција и шверц на дрога. Филипче тврдеше и дека за банката имало истраги и регулаторни пречки во други европски земји. Овие наводи ги изнесе како обвинувања, без во изјавата да приложи докази за нив.
Лидерот на СДСМ ја поврза аферата со европските интеграции на земјата, обвинувајќи го премиерот дека со застојот на европскиот пат се овозможуваат сомнителни финансиски трансакции.
„Не може да влегуваат во Европа вакви криминални банки со сомнителен капитал“, изјави Филипче, оценувајќи дека со ваквите трансакции се загрозува банкарскиот и финансискиот систем во земјата.
Тој го отвори прашањето дали банката располага со средствата прикажани во нејзиниот биланс и побара премиерот и гувернерот да ѝ дадат јасен одговор на јавноста.
„Дали осумдесет милиони евра биланс на Алта банка тука во Македонија ги имаме? Дали банката ги има парите? Дали граѓаните, фирмите, сите јавни претпријатија кои што ги притискале и премиерот и министерката за финансии да ги препродадат акциите во Алта банка го имаат својот капитал или не? Тоа е прашање на коешто треба да се одговори“, истакна Филипче.
Тој изрази сомнеж дека најавите за брза продажба можат да послужат за прикривање на потеклото на парите и трансакциите, наместо за целосно расчистување на случајот.
„Зошто? Да се замаскира целата работа, да се замаскира потеклото на парите, трансакциите, сметките и така натаму. Тоа ли е целта со овие најави и брзи најави на премиерот Христијан Мицкоски?“, праша претседателот на СДСМ.
СДСМ претходно преку соопштение побара од новиот обвинител Ненад Савевски да отвори истрага за влезот на Алта банка во Македонија, при што, според партијата, проверките треба да започнат од премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Од СДСМ бараат да се испитаат сите околности поврзани со влезот на банката, потеклото на капиталот, донесените одлуки, како и тоа кој ги одобрил и врз основа на што. Партијата бара да се утврди и што било разговарано со тогашниот српски претседател Александар Вучиќ и со Мацура.