„Навреда е да станеш асистент на татка си, а не да бараш повеќе од 140 денари за студентски оброк“: Остар одговор на Бленди Ходаи на Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски се најде во комплицирана ситуација бранејќи ги повеќегодишните 140 денари за студентски оброк, а во исто време застанувајќи зад себе како професор и зад министерката Весна Јаневска. Мицкоски денеска изјави дека бил „шокиран“ како можеле тие двајца да бидат „навредувани“ за прашања поврзани со студентскиот оброк, затоа што тие образувале генерации студенти.
Бленди Ходаи од Форумот за образовни политики во изјава порача: „Нека ги отворат бифеата во Собранието и во Владата, нека јадат студентите со 160 денари бифтек, како што јадат пратениците, па потоа нека зборуваат што може да се купи со 140 денари“.
Тој смета дека нема логика студентите да се приспособуваат на ограничениот износ, додека функционерите имаат бројни поволности. „Не сме во иста линија. Некои луѓе немаат допир со реалноста“, рече Ходаи.
Ходаи поднесе тужба против Владата и Министерството за образование за три години забетонираните 140 денари студентски оброк, побара ретроактивна исплата за долгот кон судентите.
По изјавата на Мицкоски Ходаи му одговори дека е навреда „да станеш професор како асистент на татко ти“, што е случај токму на премиерот, професор Христијан Мицкоски од Машинскиот факултет..
„Премиерот Христијан Мицкоски ни кажа дека не е пристојно да ги навредуваме професорите. Почитуван премиере, како сакате да ви се обратам денеска? Како премиер, или како професор? Оти секогаш кога ве критикуваме како премиер, вие се браните како професор. Како професор вие многу добро знаете дека вистината никогаш не може да биде навреда. Навреда е омаловажувањето на студентите, навреда е што не ги плаќате со сумата што треба да ја платите, според субвенционираниот студентски оброк, навреда е исто така да станете професор на факултет како асистент на татка си. Така што, место да дебатираме и полемизираме преку медиумите, ве поканувам на една дебата сред чаршија, нормално ако не се навредувате, и нормално, вие ќе изберете дали сакате да дебатираме како премиер или како професор“, одговори Ходаи со видео порака.
Мицкоски денеска рече:
„Како редовен универзитетски професор, педагог и родител во најмала рака можам да кажам дека бев непријатно изненаден, би рекол шокиран, бидејќи на тој начин да се навредуваат како што тој го направи редовни професори, бидејќи и министерката за образование и јас како претседател на Владата сме сепак редовни професори и генерации, генерации студенти сме помогнале да се стекнат со знаење кое што понатаму би им требало во животот за нив и нивните семејства, во најмала рака е непристојно“.