Македонците во Србија избраа Национален совет – „привезок“ на Вучиќ


Здружението „Македонци ЗаЕдно“ освои најмногу гласови на изборите за Националниот совет на Македонците во Србија, што значи дека нашата дијаспора во оваа соседна држава и натаму ќе ја води старата структура наклонета кон Српската напредна странка, наспроти драматичната политичка промена со победата на Студентската листа во земјата.

Според она што го објави српската Републичка изборна комисија, дури 45 отсто од тие што гласале (2727  српски граѓани со македонско потекло) биле за ова здружение на чија изборна листа се најдоа дури шест од актуелните членови на Националниот совет на Македонците. 

Уште повеќе, изборната листа на здружението е  со поддршка од СНС и актуелната власта во нашата држава, која пак организираше и носеше гласачи со автобуси во Србија за да го поддржат Александар Вучиќ да опстои на власта, бидејќи биле од исто политичко семејство   

Поконкретно, на изборите за Македонскиот национален совет учествуваа четири изборни листи, односно освен „Македонците ЗаЕдно“, листите на Демократската партија на Македонците во Србија, , „За Македонците пред се“ и „Македонци во Србија“, сите наклонети кон актуелниот режим во Србија, а две од нив со сонцето од Вергина како симболика. На изборите не учествуваше Партија на Македонците, која беше единствена што застана зад студентите.   

Националните совети се избираат исто така со четиригодишен мандат, но за нив се гласа посебно и не влијаат директно на изборите за Парламентот. Но, од форма како да се негуваат правата на малцинствата тие се претворија во алатка на СНС како да си обезбеди гласови од малцинствата, влијаејки на изборот на членовите во 23 национални совети, кои потоа му возвраќаа со обезбедени гласови на парламентарните избори. Тоа беше и причината што премиерот Христијан Мицкоски отпатува на средба со партиите во Нови САД и што преставници на Националниот совет на Македонците беа на средба со претседателката Гордана Сиљановска во Македонија непосредно пред изборите. 

Од Партијата на Македонците, која застана зад Студентската листа, сега најавуваат дека ваквите национални совети кои го помагаа режимот на Вучиќ ќе бидат предмет на финансиска ревизија –  за да се види со што се Вучиќ ја заработувал нивната поддршка. 

Она што е симптоматично за нас во Македонија е дека на овие избори биле регистрирани само 9.011 избоирачи со македонско потекло и што нивниот број од година во година драматично се намалува, паралелно со бројот на Македонци во Србија.  Имено, според официјалните пописи во Србија бројот на Македонци од 1991 година до 2022 година паднал за речиси 30.000 – поточно во 1991 година изнесувал 45.068 граѓани, во 2002 година – 25.847, во 2012 година – 22.755, а во 2022 година – само 14.767 Македонци.

Ако бројките се движат со вакво темпо и наредните години, на следниот ппопис веројатно нема ни да има Македонци, што зборува и за успехот на ваквиот Национален совет на Македонците да ги негува врските, културата и наследството на нашите граѓани во Србија. Од Партијата на Македонците исто така посочуваат дека со ваквите состави на Националниот совет на Македонците всушност се изигруваа правата на нашето малцинство во Србија, дотолку повеќе што нивниот статус претпоставува да бидат деполитизирани, а досега имаа и член директно од партијата СНС.

Зорица Митровиќ со Мицкоски и Стоилковиќ

Инаку, претседателката на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија и носителка на обединетата листа „Македонци заЕдно“, Зорица Митровиќ, пред изборите даде интервју за МИА во кое зборуваше за растечката поларизација во српското општество и за тоа што, според неа, Македонците можат да научат од таканаречената Шарена револуција, која според нејзино мислење, не и донела ништо добро на Македонија.

 сметам дека таканаречената Шарена револуција не ѝ донесе ништо добро на Македонија.чии последици, вели, се чувствуваат и денес.

„Напротив, според мене, таа беше вовед во еден од најтешките периоди од нашата понова историја, со длабоки општествени поделби и отворање на суштински идентитетски прашања и одлуки кои, според моето убедување, сериозно ги нарушија македонските национални интереси. Последиците од тој период ги чувствуваме и денес. Токму затоа не би сакала Србија да помине низ слично искуство.Политичките разлики се нормални во секое демократско општество, но тие мора да се решаваат преку дијалог и почитување на институциите. Ниту една политичка победа не смее да биде поважна од стабилноста на државата и интересите на нејзините граѓани“, порача таа во интервјуто. 

Митровиќ е член на Националниот совет на Македонците од 2014 година, а претседател последните две години.