Бени Шаќири од директор на МКЦ станува советник на Ѓорѓиевски во Град Скопје
Поранешниот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски е новопоставен директор на Младинскиот културен центар, објави Левица во петокот на 6-ти ноември. Денес таквата информација беше потврдена откако досегашниот директор Бени Шаќири поднесе оставка. Тој беше назначен за директор во јануари 2024 од тогашната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска.
Шаќири објави фотографија со Арсовски на социјалните мрежи и порача дека во иднина ќе биде дел од кабинетот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
„Почитувани граѓани, ја користам оваа прилика да ве известам дека повеќе нема да ја обавувам функцијата директор на Младински културен центар со што поднесов неотповиклива оставка до градоначалникот на град Скопје, г-дин Орце Ѓорѓиевски од лични причини! Сепак, на предлог на градоначалникот останувам како дел од неговиот кабинет на позиција советник за култура, со што ќе се обидам од еден друг аспект да придонесам за унапредување и развој на културата во градот Скопје. За нов директор на МКЦ доаѓа Димче Арсовски на кого му посакувам да биде успешен и трпелив и верувам дека како млад човек, ќе даде максимум од себе како би можел да се справи со сите потешкотии со кои културата воопшто се соочува изминативе години! Одиме понатаму…“, стои во објавата на поранешниот директор.