МКЦ има нов директор?
Поранешниот портпарол на ДПМНЕ, Димче Арсовски, е новопоставен директор на Младинскиот културен центар, објави Левица која во наредниот период со особен фокус на културата ќе објавува скандалозни информации.
„ДПМНЕ и Орце Ѓорѓиевски продолжуваат да се однесуваат ненаситно и Градот да го третираат како партиски плен! МКЦ, кој важи за симбол на независната културна сцена, младинскиот бунт и слободното творештво, сега се соочува со уште едно кадровско решение за кое јавноста заслужува одговор: Со какво искуство во културата, менаџерски резултати и со каква развојна програма Арсовски е именуван да раководи со оваа институција? Неговата јавно позната биографија е исклучиво партиска и никако културна. Портпаролското искуство и годините поминати во партиските структури не можат да бидат замена за професионалните квалификации потребни за раководење со и онака кревка установа како МКЦ.
Пред сѐ, крајно поразително е што оваа брутална партизација дури и на културните установи се случува во очи на „Скопје 2028“, кога главниот град треба да ја понесе титулата Европска престолнина на културата, а дополнително што ова се случува со институција која со години се соочува со финансиски и кадровски проблеми. Наместо сериозна обнова и враќање на достоинството на културните работници, градската власт на Орце и ДПМНЕ повторно го отвора прашањето за партиската контрола врз културата. МКЦ има потреба од раководство што ќе ја обнови неговата програма и ќе ја заштити независноста на институцијата, а не од кадровска политика во која партиската биографија има предност пред културната.Бараме Орце Ѓорѓиевски веднаш да се произнесе по ова кадрово решение, се вели во соопштението на Левица.
По овие шпекулации и случувања, одекна и веста дека долгогодишниот културен работник и продуцент Русе Арсов си поднел оставка/си замина од МКЦ по 30 години работа, упатувајќи критики за состојбите во институцијата.
Од јануари 2024 досега директор на МКЦ беше музичарот Бени Шаќири кој сега има тезга во „Трибека“. Тој дојде на местото на Никола Алексов, дипломиран детектив, кој беше поставен на функцијата во јануари во 2023 откако Арсовска го разреши Ванчо Богоев, за кој тогаш од МКЦ велеа дека е разрешен бидејќи не подлегнал на притисоците и не сакал да потпише за вработување на Шаќири.
На локалните избори во 2021 година Шаќири влезе во трката за градоначалник на Скопје, како кандидат на движењето „Одлучно за промени“ на ЛДП и ДОМ. Во кампањата отворено зборуваше против работата на Шилегов, а откако отпадна во првиот круг, во пресрет на вториот, беше на средба со Арсовска.