ЛДП со 10 конкретни мерки за иднината на младите и семејствата!


Македонија се соочува со сериозна демографска криза. Сѐ помалку деца се раѓаат, младите масовно ја напуштаат државата, а сѐ повеќе семејства не можат да си дозволат сопствен дом, сигурна работа и услови за достоинствено растење на своите деца. Ова е предупредување дека ја губиме иднината на државата!

„Сметаме дека демографската обнова мора да стане еден од највисоките национални приоритети, со долгорочна стратегија и конкретни финансиски мерки, наместо со декларативна грижа за семејството и повремени популистички ветувања. Предлагаме пакет од 10 конкретни мерки за создавање држава во која младите ќе сакаат да останат, ќе можат да основаат семејство и ќе имаат реална перспектива за подобар живот“, вели членот на Извршниот одбор на Либерално-демократската партија (ЛДП), Бобан Јанкоски.

  1. Стан за млади семејства – државна поддршка за учество при купување прв стан, субвенционирани камати за млади брачни и вонбрачни парови и пристапни државни станови за долгорочно изнајмување
  2. 12 месеци платено родителско отсуство – поголема финансиска сигурност за родителите и можност дел од отсуството да го користи и таткото.
  3. Детски додаток за секое дете – редовна месечна финансиска поддршка, со повисок износ за семејствата со пониски приходи и едноставна постапка за остварување на правото.
  4. Бесплатна градинка за секое дете – доволно места, продолжено работно време и гарантирано згрижување за децата чии родители се вработени.
  5. Даночни олеснувања за родители – намалување на персоналниот данок за родители со деца и дополнителни олеснувања за семејствата со три или повеќе деца.
  6. Прва работа без иселување – даночни стимулации за компаниите што вработуваат млади, поддршка за прво вработување и платена практична работа, како и поттикнување нови работни места надвор од Скопје.
  7. Повраток на иселените – даночни поволности за повратниците, помош при признавање дипломи и квалификации и поддршка за започнување сопствен бизнис.
  8. Флексибилно работно време за родители – законски и институционални услови за флексибилно работно време и работа од дома, таму каде што природата на работата го дозволува тоа.
  9. Поддршка за секое новороденче – единствен национален пакет за поддршка при раѓање, со дополнителна помош за второ и трето дете.
  10. Демографски фонд – осебен фонд за финансирање на мерките за наталитет, млади семејства и враќање на иселениците, со јавно и транспарентно следење на потрошените средства и постигнатите резултати.

Не можеме да очекуваме младите да останат во Македонија ако не можат да си дозволат дом, ако првата работа ја бараат во странство и ако раѓањето дете за нив значи дополнителна финансиска неизвесност. Не може семејството да биде најважната вредност во политичките говори, а најмалку поддржано во реалниот живот.

„На Македонија ѝ е потребна нова демографска политика која ќе ги третира децата како иднина, родителите како приоритет, младите како потенцијал, а иселениците како луѓе на кои треба да им понудиме причина да се вратат“, дополнува Јанкоски.

ЛДП упатува отворен повик до сите политички партии во Македонија, без разлика на нивната идеолошка определба, политичка припадност или позиција во власта или опозицијата, да застанат обединети зад овој предлог и да ја поддржат демографската обнова како заеднички национален приоритет! Ова не е прашање на политика, партиски интереси или политички поени, туку на неопходност, на иднината на нашите деца и на опстанокот на државата. Време е еднаш засекогаш да покажеме дека можеме да ги надминеме меѓусебните разлики кога станува збор за нешто поважно од секоја партија и секој политички мандат. Да се обединиме околу една кауза, една цел и една заедничка одговорност – Македонија да има иднина! Демографската обнова мора да биде над секоја партиска поделба! И таа не се постигнува со повици за раѓање на повеќе деца, туку ако сите заедно работиме на создавање услови луѓето да сакаат да живеат и да ја градат својата иднина во Македонија!