Ангел Анѓушев: За успех на странските пазари не е доволна само добра цена, туку и висок квалитет


За да бидат конкурентни на меѓународните пазари, македонските компании мора да понудат многу повеќе од добра цена. Квалитетот, современата технологија, стручниот кадар и ефикасното производство се предуслови за успешен извоз. Ова го истакна Ангел Анѓушев, оперативен директор на Green Machines и член на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија, на панел-дискусијата „Извоз без граници – поттикнување на растот во машинската и електроиндустријата“, одржана во рамките на Енерготехнома 2026.

 

Говорејќи за предизвиците со кои се соочува македонската индустрија, Анѓушев посочи дека растот на трошоците за работна сила, променливите цени на енергијата и суровините, како и проблемите во синџирите за снабдување, бараат компаниите постојано да ја подобруваат својата ефикасност.

„Ефикасното користење на ресурсите и контролата на производствените трошоци се клучни за нашата конкурентност на меѓународните пазари. Но, за воопшто да дојдеме до факторот цена, претходно мора да ги исполниме сите потребни процеси и стандарди“, истакна Анѓушев.

Тој го посочи примерот на БРАКО, каде што соработката со големите меѓународни индустриски партнери започнува со детална проверка на производствените капацитети, знаењето и стручноста на инженерскиот кадар. Следуваат изработка на прототипови, тестирања и проверки на квалитетот, а дури потоа се отвора прашањето за цената и сериското производство.

„Да се помине таква проверка бара голем труд и инвестиции, но уште поважно е постигнатиот квалитет да се одржува во секојдневното производство, со години нанапред“, нагласи тој.

Осврнувајќи се на возилата за чистење Green Machines коис е произведуваат во фабриката БРАКО, Анѓушев објасни дека при развојот на комуналните возила особено внимание се посветува на луѓето што секојдневно ги користат. Покрај перформансите и цената, важни се удобноста на операторот, едноставноста на управувањето и лесното одржување.

„Нашите машини не се продаваат преку каталог, туку преку демонстрации, каде што корисникот може лично да се увери во нивните перформанси и комфор“, посочи Анѓушев.

Како важен фактор за конкурентноста ја истакна и енергетската ефикасност. Користењето сопствена електрична енергија од фотоволтаици и нејзиното складирање во батериски системи, според него, им овозможува на компаниите подобро да ги контролираат трошоците, а истовремено да го намалуваат влијанието врз животната средина.

Анѓушев се осврна и на недостигот од стручен кадар, нагласувајќи дека без квалификувани луѓе, инвестициите во современи машини и производствени капацитети не можат да го дадат посакуваниот резултат. Затоа, како особено важна ја посочи соработката меѓу универзитетите и индустријата.

Во однос на институционалната поддршка, тој ги издвои подобрувањето на транспортната инфраструктура, долгорочната енергетска стратегија и поедноставувањето на царинските постапки, особено при увозот на компоненти за производство.

Неговата порака беше дека напредокот започнува од самите компании – од нивната подготвеност да преземат одговорност, да вложуваат во знаење и технологии и постојано да ги подобруваат своите производствени процеси. (Комерцијален текст)