Власта бара купувачи за Алта банка Битола, од СДСМ велат дека се врши притисок врз странска и домашна банка


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека заедно со гувернерот Трајко Славески и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, во наредните денови ќе имаат средби со потенцијални купувачи на Алта банка ад Битола, која е под управа на Народната банка, откако нејзината банка – мајка во Србија се најде во стечај. Наоѓањето нов инвеститопр во битолската банка е едно од можните решенија за банката, која сега е администрирана од НБМ, а другото, кое што го најави вчера премиерот Мицкоски е повлекување на лиценцата за работа од старна на НБМ што автоматски повлекува отворање стечај. 

„Следните неколку денови, заедно со гувернерот и министерката за финансии, ќе имаме средби со повеќе финансиски институции коишто би можеле да бидат потенцијални купувачи на банката“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека Народната банка и Владата имаат свои инструменти и со нивна помош целосно се контролира состојбата со Алта банка.

„Апсолутно нема простор за загриженост. Целта е да се спаси банката, бидејќи станува збор за здрава финансиска институција“, истакна Мицкоски.

По пуштање во употреба на третата фаза од системот за наводнување „Страиште“ во Општина Валандово, прашан за коментар околу обвинувањето на СДСМ дека ниту еден од понудените два модела за Алта банка нема да вродат со плод, тој повтори дека Владата и СДСМ имаат различна амбиција. Според него, опозициската партија се радува на црните сценарија, додека власта се обидува да најде решение, односно купувач на банката, бидејќи смета дека навистина е во одлична состојба.

„Јас кажав и стојам на тоа дека до последниот цент секој доверител, секој штедач ќе биде обесштетен, бидејќи најголемиот дел од штедните влогови се осигурани во Фондот за осигурување на штедни влогови, а активата на банката е многу поголема од побарувањата. Но, ние се трудиме да не дојде до тоа, односно до ова црно сценарио, односно да најдеме купувач“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека станува збор за увезен проблем од кај нашиот северен сосед, од каде последната информација е дека менувачниците ја ограничиле размената на динари до 300-400 евра.

„Значи, не може повеќе да се врши конверзија на тамошната валута динари во евра. И тоа претставува сериозен индикатор за стабилноста на тамошниот банкарски систем. Се надевам дека најцрното сценарио ќе биде избегнато затоа што Србија е значаен трговски партнер за Македонија. Голем број наши компании соработуваат со српски компании и многумина од сопствениците на тие компании ми се јавуваат и ме прашуваат што понатаму, бидејќи нивните партнери од Србија имаат блокирани сметки и средства во Алта банка. Дел од нив дури и го затвориле својот бизнис односно банкротирале, со што практично нашите компании сега имаат проблем, рече Мицкоски.

Тој изрази надеж дека многу брзо ќе биде формирана владата во Србија и оти таа влада ќе води проевропска реформска политика, „нешто што на нас ни е важно“.

Од опозициската СДСМ денеска обвинија дека Мицкоски и Славески овозможиле влез на Алта банка во Македонија со сомнителен капитал, а сега, откако банката е под стечај, без лиценца и под истрага за криминал, власта врши притисок врз потенцијални купувачи.

„Станува збор за една странска и една домашна банка“, потенцираше портпаролката на СДСМ и членка на ИО, Богданка Кузеска на денешната прес-конференција.

Кузеска посочи и на најавите за продажба на банката на нов сопственик, оценувајќи дека со тоа се отвора прашањето дали се прави обид случајот да се заташка и да не се открие одговорноста.
 
„Сега тие што ги носеа штетните одлуки, што овозможија влез на Алта банка, најавуваат продажба на нов сопственик. Целта е да се заташка работата, да не се открие криминалот. Кој би сакал да земе банка со ваква репутација и банка која е под сомнеж за потеклото на капиталот? Власта врши притисок врз потенцијални купувачи, на една странска, а од пред некој ден и на една домашна банка“, рече Кузеска.
Кузеска укажа и на записникот од седницата на Владата од 23 септември 2025 година каде се отвораат дополнителни прашања за улогата на Владата во случајот со Алта банка.
„На предлог на Кочоска, Владата на Мицкоски донела заклучоци за преземање акции од страна на Алта банка АД Белград на 16 јавни институции. А Владата на Мицкоски на истиот Давор Мацура му овозможила да се стекне со поголем пакет акции на сметка на државата. Внимавајте, акции од државни претпријатија се нудени во интерес на Мацура и Алта банка. Трајко Славевски вели имало консултации, Кочоска вели немало и не била информирана. Штом зинат, лажат“, обвини Кузеска.