„Кроација ерлајнс“ ги повлекува акциите од котацијата на берза


Управниот одбор на „Кроација ерлајнс“ денес објави повик за општо собрание на кое акционерите ќе одлучат за повлекување на акциите на националната авиокомпанија од берзата во Загреб, јави Хина.

Како што може да се види од повикот, акционерското собрание, закажано за 7 декември, ќе одлучи за повлекување на сите 9.899.755 обични акции од котацијата, при што компанијата ќе купи акции од сите акционери кои гласаат против одлуката, со фер надомест, најдоцна три месеци од датумот на внесување на одлуката во судскиот регистар.

„Предлогот за повлекување на акциите на компанијата од котацијата се базира на многу ниското ниво на тргување со акции, што се одразува во незначителниот број трансакции и нискиот промет во подолг период, како и ограничениот интерес на инвеститорите. Со оглед на занемарливиот обем на тргување, котирањето на акциите на регулираниот пазар не ја исполнува својата цел. Земајќи ги предвид моменталните околности во кои работи компанијата, предложена е таква одлука“, се наведува во повикот.

Акциите на „Кроација ерлајнс“ последен пат беа тргувани на Загрепската берза на 28 октомври, а нивната цена на затворање беше 2,4 евра.

Компанијата е во мнозинска државна сопственост, со учество во акционерскиот капитал од над 98 проценти. Други акционери се „Јанаф“ со 0,22 проценти удел и „Аеродром Загреб“ со 0,13 проценти удел, додека другите акционери имаат помалку од 0,05 проценти удел.