Над 1.300 кривични пријави за семејно насилство годинава, МВР ги охрабрува граѓаните да пријавуваат


Од јануари до септември годинава вкупно 1.337 кривични дела поврзани со семејно насилство се регистрирани на територијата на државата, за кои се пријавени 1.388 сторители и 1.433 жртви, информира Министерството за внатрешни работи.

Најголем дел од сторителите се мажи, а од жртвите жени, а во истиот период полицијата регистрирала и 191 прекршок поврзан со семејно насилство како и 3.869 поплаки за семејно насилство.

Од Министерството за внатрешни работи упатуваат апел до граѓаните да не молчат и да не го премолчуваат семејното насилство, туку навремено да го пријавуваат секој случај и тоа во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 112 и 192.