Касис понуди помош од ОБСЕ за Македонија околу спорот со Бугарија


Продлабочување на билатералната соработка, зајакнување на економските и трговските врски, поддршка за стабилноста на Западен Балкан и европската интеграција, беа темите за кои денес во Скопје разговараа  министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и министерот на Сојузниот оддел за надворешни работи на Швајцарија и претседавач со ОБСЕ, Ињацио Касис. 

За Муцунски  посетата има двојно значење бидејќи, покрај билатералните прашања, во фокусот е и улогата на Касис како претседавач со ОБСЕ. 

– Со министерот Касис разговаравме за продлабочувањето на билатералната соработка со посебен акцент на трговијата, економијата и инвестициите. Оценивме дека постојат значајни можности за зајакнување на економските врски преку поголема поврзаност помеѓу деловните заедници и нови партнерства во повеќе области. Целта е економската соработка да стане уште посилен столб на односите и да создава можности за соработка и за граѓаните – истакна Муцунски.

Во однос на европската интеграција, тој ја повтори определбата на земјата за европска иднина и истакна дека со Касис разговарале за реформскиот процес и стратешката цел на Македонија, полноправно членство во Европската Унија. Муцунски нагласи дека пристапот на Владата е реален, но и амбициозен, со продолжување на реформите, приближување кон европските стандарди и зајакнување на врските со сите европски држави.

– Со колегата Касис се согласивме дека новата геополитичка реалност бара повеќе лидерство, солидарност и единство. Во време на сериозни глобални промени потребни ни се предвидливост, одговорност и силни партнерства. Само така можеме да одржуваме мир и просперитет на европскиот континент – рече Муцунски.

Касис истакна дека Швајцарија има одлични билатерални односи со Македонија од почетокот на нејзината независност, без разлика што ова е негова прва посета во деветте години на министерската функција.Во своето обраќање издвои три аспекти на односите и соработката – хуманата димензија и разновидноста, економската соработка, како и стабилноста и европската интеграција.

Пред се тој упати благодарност за солидарноста и помошта што земјата ѝ ги понудила на Швајцарија по трагедијата во Кран-Монтана на 1 јануари годинава. Тој потсети дека македонската поддршка била меѓу првите што пристигнале по несреќата, при што земјата понудила не само спонтана солидарност туку и конкретна помош имајќи го предвид сопственото искуство со трагедијата во Кочани.

Тој се заблагодари и за придонесот на македонската дијаспора во Швајцарија, која, како што посочи, брои речиси 100.000 лица. Касис оцени дека дијаспората придонела и за поттикнување на швајцарската поддршка за развојот на Балканскиот Регион по распадот на Југославија кога земјите од регионот требало одново да ги изградат своите институции и општества.

Тој се осврна и на културната и јазичната разновидност, посочувајќи дека и Швајцарија и земјава се крстопати на разни култури, јазици и традиции, што претставува можност за меѓусебно збогатување.

Во врска со економската соработка, Касис потсети дека претседателот на Швајцарската Конфедерација и министер за економија, Ги Пармелан, при посетата во април годинава имал средба со Муцунски и придонел за формирањето на Стопанската комора Швајцарија – Северна Македонија. Тој оцени дека економските односи се еден од најважните сегменти што треба да се развиваат нагласувајќи дека трговијата и економската размена придонесуваат за мир и стабилност.

– Економските односи се најважното нешто што треба да се развива затоа што онаму каде што поминува стока, не поминува оружје – рече Касис.

Како втор важен елемент на соработката ја посочи програмата за развојна соработка за периодот 2025 – 2028 година, преку која Швајцарија ги поддржува реформите што земјата сака да ги спроведе.Тој појасни дека целта е до 2028 година поддршката постепено да се насочи кон поконкретна помош за економијата, отворањето работни места и создавањето можности за инвестиции. На тој начин, како што рече, треба да се зајакнат економските капацитети на земјата и да се придонесе за стабилноста на Западен Балкан.

Третиот аспект што го издвои беа стабилноста и европската интеграција. Тој нагласи дека просперитетот и стабилноста на Западен Балкан се приоритет за Швајцарија и за целиот регион на ОБСЕ, при што ја поздрави и поддржа европската перспектива на земјата за која оцени дека ќе придонесе за зајакнување на нејзината позиција во поширокиот безбедносен и политички контекст. Касис посочи дека ОБСЕ може да помогне во процесот на интеграција преку набљудување и анализа на состојбите во владеењето на правото, како и преку олеснување на односите со соседните земји. Во таа насока, нагласи дека организацијата преку својата мисија во земјата е подготвена да продолжи да дава поддршка.

– Ние сакаме да се задржи довербата бидејќи, без доверба, нема безбедност, а без безбедност – нема ни просперитет. Тоа се трите концепти што Швајцарија ги избра како слоган за ОБСЕ – порача Касис. 

Одговарајќи на новинарско прашање зошто европски земји препорачуваат граѓаните да обезбедат залихи во храна, вода и лекови тој не одгиовори директно туку посочи дека светот се наоѓа во период на голема геополитичка нестабилност и длабоки историски промени и дека секоја земја треба да ја преземе својата одговорност.  Според него, ваквиот развој на настаните претставува сериозен предизвик за организации како ОБСЕ, кои мора да покажат дека можат да придонесат за решавање на проблемите, а не само да бидат место за размена на мислења за прашања за кои државите веќе имаат согласност.

– За организации како ОБСЕ ова е моментот кога треба да бидат корисни. Лесно е да се биде организација во која се разговара за убави работи и за кои сите се согласуваат. Многу потешко е да се биде организација што треба да се соочи со длабоки несогласувања во толкувањето на реалноста и во однос на иднината што треба да им се обезбеди на земјите – рече шефот на швајцарската дипломатија.

На крајот тој  упати апел до државите да ја преземат одговорноста за одржување на дијалогот, посочувајќи дека токму тоа е една од основните задачи на ОБСЕ, вклучително и во односите меѓу Русија и Украина. 

– За жал, дијалогот не е лесно да се постигне. Не е тешко само затоа што Русија очигледно не е блиску до компромис, туку и затоа што ниту другата страна не е блиску до компромис, нагласи тој и додаде дека треба да се вложат сите напори за пронаоѓање дипломатско решение, кое ќе се стави крај на војната.