Студентската листа освои 140 мандати, Вучиќ 103
Српската Републичка изборна комисија (РИК) вчера доцна вечерта ги објави официјалните резултати од предвремените парламентарни избори во Србија, одржани на 25 октомври, на кои Студентската листа ја победи владејачката Српска напредна партија (СНС), пренесоа тамошните медиуми. Со објавувањето на конечните резултати, формално почнуваат да течат роковите а формирање на идната влада во земјата.
Од запишаните 6 451 292 граѓани во избирачкиот список со право на глас, 4 444 310 или 68,89 проценти гласале на 8 392 избирачки месра во земјата и во странство, што е една од највисоките излезености во историјата на повеќепартиските избори во Србија.
Убедлив победник е Студентската листа со освоени 53,015 отсто од гласовите, додека Српската напредна партија (СНС), чија листа ја предводеше доскорешниот претседател на земјата, Александар Вучиќ, освоила 38,98 отсто, што е разлика од 623 094 гласови.
Во трката за 250 пратенички мандати, имаше 18 листи со вкупно 2 418 кандидати, од кои девет листи беа на кандидати на малцинските национални заедници.
Според официјалните резултати, Студентската листа освои 140 мандати, СНС 103, додека сите опозициски партии и коалиции останаа надвор од парламентот, а вкупно седум мандати освоија партиите на националните малцинства.
Листата на Расим Љајиќ освои еден мандат со 20 638 гласови, Алијансата на војводинските Унгарци освои 35 461 гласови и два мандати, Албанската коалиција 27 673 и два мандати, „СДА – Чувари на Санџак“ 12 596 (еден мандат) и „Усаме Зукорлиќ – Движење за обединување“ 12 440 (еден мандат).
Според прелиминарните резултати пред повторното гласање на 53 избирачки места, Студентската листа имаше освоено 141 мандат, но листата на Движењето за обединување, собрана околу Партијата за правда и помирување на Усама Зукорлиќ, освоила еден мандат на повторното гласање, со што листата на студентското движење остана пократка за еден мандат.
Тој мандат беше оспорен на синоќешната седница од страна на членот на РИК, Иван Шебек, фрлајќи сомнеж врз исходот од повторното гласање и барајќи, и покрај официјалното објавување на резултатите од изборите, тој дополнително да се провери, а доколку се утврдат злоупотреби на одредени избирачки места, Движењето за обединување да го врати тој мандат на Студентската листа.
Со официјалното објавување на резултатите од изборите и распределбата на мандатите, започнуваат роковите за формирање на владата.
Конститутивната седница на парламентот мора да се одржи во рок од 30 дена.
Со потврдувањето на пратеничките мандати и конституирањето на Собранието, започнува ново одбројување, кое им остава на пратениците законски рок од 90 дена за избор на влада.
Паралелно со формирањето на парламентот и владата, тече и рокот за избор на претседател на Републиката, па граѓаните на Србија повторно ќе излезат на гласачки места до крајот на годината.
По оставката на Вучиќ на 27 септември, предвремените претседателски избори мора да бидат распишани и одржани во рок од три месеци од завршувањето на мандатот, а најдоцна до 28 декември.