Уапсен е Предраг Вулетиќ, покраински секретар во Војводина и сојузник на Вулин


Покраинскиот секретар за социјална политика, демографија и родова рамноправност во Војводина, Предраг Вулетиќ, е уапсен под сомнение дека со злоупотреба на службената положба овозможил незаконска исплата на околу 1 милион евра, објави „Данас“.

Припадници на Управата за криминалистичка полиција вчера извршиле контрола во Покраинскиот секретаријат за социјална политика, демографија и родова рамноправност, а денеска го уапсиле Вулетиќ и уште една вработена во институцијата. Според соопштението на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, уапсена е и Д. М., претседателка на комисијата задолжена за разгледување на пријавите за доделување финансиска помош.

Обвинителството се сомнева дека двајцата ја злоупотребиле службената положба и овозможиле други луѓе незаконски да добијат вкупно 1,11 милиони евра од покраинскиот буџет. Парите биле наменети за семејства во кои се родило трето или четврто дете, за купување или решавање на станбено прашање, односно за подобрување на условите за живеење во Војводина.

Станува збор за финансиска помош што се доделувала врз основа на конкурсите објавени во 2021, 2022, 2023 и во 2024 година. Според обвинителството, дел од парите завршиле кај луѓе кои не го исполнувале ниту основниот услов за добивање на помошта – да имаат трето или четврто дете.

Предраг Вулетиќ е член на Претседателството на Движењето на социјалистите, партија на чие чело е Александар Вулин, и важел за еден од неговите најблиски соработници.