Град Скопје ќе гради две нови средни училишта, Аеродром повторно извиси
Две нови средни училишта во општините Ѓорче Петров и Кисела Вода ќе се градат на територија на Град Скопје. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека пари за изградба се обезбедени со ребалансот на буџетот.
Денес, со усвојувањето на ребалансот на буџетот на Град Скопје, обезбедуваме средства за изградба на две целосно нови средни училишта „Кочо Рацин“ во општина Ѓорче Петров и „Браќа Миладиновци“ во Драчево, општина Кисела Вода. Двете училишта ќе ги градиме со сопствени средства на Град Скопје! Предолго учениците во овие училишта се образоваа во крајно несоодветни услови. Предолго наставниците пренесуваа знаење во простории што не одговараат на потребите на современото образование. Затоа, преземаме обврска да изградиме целосно нови училишта, достојни за нашите деца и за нивните наставници!, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Изградбата на училиштата, вели дека се дел од неговата предизборна програма.
Најава за изградба на средно училиште во Аеродром, односно гимназија, има одамна, уште од времето на Тимчо Муцунски, но негова скора реализација изгледа нема да видиме.