Богданци утре излегува на протест по убиството на 17-годишната Билјана
По трагичната смрт на Билјана од Богданци, за утре, петок, 6 ноември, е најавен мирен граѓански протест против фемицидот и насилството врз жените. Протестот ќе се одржи во Градскиот парк во Богданци, со почеток во 19 часот, а организаторите ги повикуваат граѓаните масовно да излезат и да испратат силна порака дека насилството мора да запре и дека институциите мора навремено да ги заштитат жртвите.
Повикот за протест е објавен на социјалните мрежи од Александра Сапова, која нагласува дека собирот е посветен на прерано згаснатиот живот на нивната сограѓанка Билјана, но и на сите жени што живеат во страв од насилство.
„Повикуваме на мирен протест во чест на прерано згаснатиот живот на нашата сограѓанка Билјана. Нејзиниот глас е замолчен, но нашиот мора да биде погласен од кога било“, се наведува во објавата.
Организаторите порачуваат дека борбата против фемицидот не смее да започнува дури откако ќе се случи трагедија. Според нив, неопходно е институциите да реагираат навремено, да обезбедат вистинска заштита за жртвите на насилство и да преземат конкретни мерки со кои ќе се спречат нови трагедии.
„Фемицидот мора да се спречи ПРЕД да се случи! Кога ќе се случи, веќе е доцна. Секој изгубен живот е системски неуспех, секоја премолчена жртва е заеднички пораз. Не смееме да дозволиме повеќе ниту една жена да живее во страв, ниту едно семејство да биде завиено во црно. Бараме одговорност, заштита и итна акција од институциите!“, се наведува во повикот.
Во објавата посебно се нагласува дека протестот нема партиски карактер и дека целта не е политичка пресметка, туку заедничко барање за правда, безбедност и заштита на жените.
„И НЕ!!! Ова НЕ Е партиски собир!!! Ова не е политика. Ова е крик за опстанок и повик за правда. Ова е повик од жени, мајки, сопруги, сестри, ќерки… Повик од луѓе за луѓе“, порачува Сапова.
Со протестот граѓаните сакаат да испратат порака дека секој случај на насилство мора сериозно да се третира, а надлежните институции да преземаат мерки пред заканите и насилството да завршат со загубен човечки живот.
Организаторите повикуваат на солидарност со семејството на Билјана и со сите жртви на родово базирано насилство, нагласувајќи дека молкот и рамнодушноста не смеат да бидат одговор на ваквите трагедии.
„Излези и ти. За Билјана, за сите нас, за иднината на нашите деца“, се наведува на крајот од повикот.
Мирниот протест е закажан за петок, 6 ноември, во 19 часот, во Градскиот парк во Богданци, под пораките „Стоп за фемицидот“, „Правда за Билјана“ и „Ниту една повеќе“.
Нови детали за за трагедијата кај Богданци: Момчето било пријавувано за насилство кон девојката