Свештеник објасни зошто Боб Дилан на средбата со папата дојде облечен како лошиот цар Палпатин од „Војната на ѕвездите“
Папата Лав XIV вчера се сретна со Боб Дилан во Ватикан. Американскиот музичар, кој е и добитник на Нобеловата награда за литература, привлече внимание со својот избор на облека. Тој пристигна во Апостолската палата со црна качулка на главата, потсетувајќи многумина на императорот Палпатин – познат и како Дарт Сидиус – од филмскиот серијал „Војна на ѕвездите“.
Изгледот на Дилан го изненади свештеникот кој ја организираше средбата. „Ги прашав луѓето од неговата придружба дали би било подобро тој да ја симне качулката за време на средбата со папата, но тие ми рекоа дека тоа е неговиот начин да биде ’нормален‘. Ако ја извади, тоа би значело промена на она што тој е“, изјави свештеникот Антонио Спадаро.
Тој истакна дека папата „ниту трепнал“ кога го видел, пренесува весникот „Тајмс“.
На прашањето кој ја предложил средбата – папата или Дилан – Спадаро одби да одговори. „Можам да кажам дека јас ги поврзав работите. Дилан е дел од минатото на Лав; тој го слушаше уште во студентските денови – Дилан беше дел од неговиот свет. А и Дилан, од своја страна, исто така сакаше да се сретне со Лав“, рече Спадаро, претставник на Ватикан познат по тоа што служи како мост помеѓу Црквата и пошироката културна заедница.
Папата Лав му подари бројаница на Дилан, додека пејачот нему му подари примерок од својата автобиографија. „Тоа беше приватна средба. Дилан сакаше таа да биде ’еден на еден‘, па ние излеговме од просторијата, а тие двајцата разговараа насамо“, раскажа Спадаро.
„Сепак, додека излегуваше од просторијата, на лицето на Дилан можеше да се забележи израз на задоволство“. Лав XIV не е првиот папа со кој се сретнал Дилан. На еден црковен настан во Болоња во 1997 година, на кој присуствуваше папата Јован Павле II, Дилан изведе неколку свои песни, меѓу кои и „Knockin’ on Heaven’s Door“.
Папата Франциско, исто така, угости голем број познати личности во Ватикан, меѓу кои Кејти Пери, Стинг и Арета Френклин. Тој се сретна и со комичари како Џими Фалон, Крис Рок и Вупи Голдберг. Спадаро не ги организираше тие средби, но го запозна покојниот аргентински папа со американскиот филмски режисер Мартин Скорсезе.
Скорсезе и Франциско веднаш пронајдоа заеднички јазик. Тие се среќаваа, разменуваа повици и пораки за да разговараат за религијата, како и за нивната заедничка љубов кон Достоевски.