Скопје во знак на танцот: Осмо издание на STAGE со учество на 14 земји, 1200 учесници и 37 танцови клубови


Оваа сабота, 7 ноември 2026 година, Националната опера и балет во Скопје повторно ќе биде домаќин на еден од најзначајните меѓународни танцови настани во регионот – осмото издание на Интернационалниот танцов натпревар СТЕЈЏ 2026- STAGE 2026.
 
Годинава “Стејџ” обединува над 1.200 учесници од 14 држави и 37 танцови клубови и балетски студија од Европа, кои ќе се претстават со повеќе од 320 танцови настапи на двете сцени во Националната опера и балет.
 
Две сцени, еден престижен театар и илјадници моменти исполнети со уметност, емоции, талент и танц. Скопје повторно ќе стане место на средба на млади танчери, танцови студија, кореографи и професионалци од меѓународната танцова сцена.
 
STAGE и годинава ќе понуди богата танцова програма, обединувајќи различни танцови дисциплини, стилови и генерации: класичен и современ балет,  џез, модерн и шоу танц, урбани и други танци..
 
Посебен акцент е ставен на групните кореографии, формациите и продукциите, со цел да се даде поголем простор на сценското творештво, тимската работа и уметничкиот израз.
 
Натпреварувачкиот дел на STAGE 2026 ќе се одвива во текот на целиот ден, од 09:00 до 19:30 часот, истовремено на двете сцени во Националната опера и балет.
 
Кулминацијата на настанот ќе биде свечената STAGE Gala, која ќе започне во 20 часот.
 
Влезот за публиката на Галата е бесплатен, а присутните ќе имаат можност да ги проследат најдобрите настапи и доделувањето на престижните признанија и специјални награди, избрани од меѓународното стручно жири.
 
– Со секое ново издание, STAGE ја потврдува својата мисија да ги обединува младите генерации преку уметноста, да ги поврзува различните култури и да ја промовира Македонија како земја на култура, талент и инспирација. Особено сме горди што годинава во Скопје ќе донесеме над 1.200 учесници од 14 држави и 37 танцови клубови и балетски студија од Европа,
– вели Тамара Ѓурчиновска, основач и директор на STAGE International Dance Competition.
 
Настанот е во организација на „Арт Балет“, а е поддржан од Министерството за култура и туризам.