ОПМ: За десет години аерозагадувањето во Скопје е намалено за 50%
Аерозагадувањето во Скопје е намалено за околу 50 проценти во периодот од 2015 до 2025 година.
Ова го покажуваат податоците презентирани од Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), според кои дел од мерните станици регистрираат средногодишни концентрации на загадувачки материи под законски дозволените граници.
На тркалезна маса во рамките на проектот „Чист воздух за потрошувачите: Подигнување на одговорноста на бизнисите во Скопје“, машинскиот инженер Андреј Стојковски посочи дека во изминатата деценија се забележува значително подобрување на квалитетот на воздухот.
Како една од мерките што придонеле за овој тренд го посочи субвенционирањето на инвертер-клима уредите, со кои дел од домаќинствата ги замениле печките на дрва и котлите на цврсто гориво.
Според него, за дополнително намалување на загадувањето потребно е проширување на мрежата за централно греење, воведување почисти системи за затоплување и подобрување на енергетската ефикасност на зградите. Меѓу мерките што би можеле да придонесат за почист воздух се и обновувањето на јавниот превоз, набавката на нови автобуси и воведувањето на системот за брз автобуски превоз (БРТ).
Претседателката на ОПМ, Маријана Лончар Велкова, истакна дека граѓаните и компаниите покажуваат интерес за користење поеколошки решенија за греење, но дека преминот кон нив бара финансиска поддршка од државата, преку субвенции и поволни кредити.
Покрај греењето и транспортот, како предизвици остануваат и управувањето со отпадот и недостигот од зелени површини.