Ништо од зделката за дизелот: Руските танкери испратени кон САД ги сменија рутите

Нема купувачи во САД за рускиот дизел и покрај договорот на Трамп со Путин


 

Два брода што превезуваат руски дизел за САД – дел од договор меѓу претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин – ги променија своите рути и повеќе не се упатуваат кон американските пристаништа, пренесува „Фајненшел тајмс“.

Конкретно, танкерот „Леруо“  – во сопственост на компанија со седиште во Хонгконг и кој плови под знамето на Сиера Леоне – се упати кон Бразил. Во меѓувреме, рускиот танкер „Талисман“ го напушти Атлантскиот Океан и навлезе во Средоземното Море; моментално се наоѓа во близина на брегот на Алжир.

За овој брод е наведено дека чека „наредби“ (т.е. нема одредена дестинација). Според „Фајненшел тајмс“, тоа укажува дека во моментов нема потврден купувач ниту одредено пристаниште за истовар на товарот. И двата танкера се предмет на западни санкции.

Уште еден танкер, „Агиои Фанендес“ – во сопственост на грчката фирма „Истерн Медитеранеан Меритајм“ – исто така има статус „чека наредби“. Сепак, засега тој продолжува со своето патување кон САД. Неговиот сопственик изјави дека пристаништето за истовар сè уште не е потврдено. Според аналитичката фирма „Кплер“, и овој брод би можел да отстапи од својата првична рута кон Њујорк.

Уште еден танкер што подлежи на санкции – „Бист“, во сопственост на субјекти од Сејшелите – натовари гориво во пристаништето Приморск на 27 октомври и моментално го продолжува патувањето кон атлантскиот брег на САД. Аналитичарот од „Кплер“, Мет Смит, објаснува дека американските компании „не се осмелуваат“ да купуваат руски дизел поради правни ризици и санкции.

Претставници од енергетскиот сектор и аналитичари претходно го изјавија истото за весникот „Вашингтон сан“

Мики Шерил, претставничка од Њу Џерси – каде што се наоѓа најголемиот центар за прием и дистрибуција на нафтени деривати на источниот брег на САД – ги предупреди компаниите дека договорот меѓу Трамп и Путин го прекршува законот од 2022 година, со кој се забранува увоз на енергенси од Русија по нејзината инвазија врз Украина.

Понатаму, Шерил ја предупреди Управата на пристаништата на Њујорк и Њу Џерси, како и операторите на нафтените терминали, да не прифаќаат руски дизел. „Фајненшел тајмс“ наведува дека оваа промена во рутите се случува во момент кога состојбата со дизел горивото во САД дополнително се влошува

. Новите податоци покажуваат дека залихите на дизел паднале под 100 милиони барели, што се случува за првпат по повеќе од две децении.

На 9 октомври, Трамп објави дека постигнал договор со Путин во врска со испораките на дизел. Потоа, Министерството за финансии на САД ги суспендираше мерките насочени кон руското гориво, со важност до април 2027 година.

Според извештаите, трите танкери што се упатени кон САД превезуваат вкупно 140.000 тони дизел гориво. Конгресот најави истрага за овој контроверзен договор и испрати дописи до банките и пристаништата, со барање да ги зачуваат сите документи поврзани со предметните трансакции.

Одделно, Џејми Раскин, член на Комитетот за правосудство при Претставничкиот дом, ги предупреди деловните субјекти дека купувањето руски дизел може да резултира со парични казни во износ до 1 милион долари и затворски казни во траење до 20 години.