Легендарната колекција на накит на Елизабет Тејлор добива модерно руво: „Сакавме да ја осветлиме неа“


На Елизабет Тејлор никогаш не ѝ бил потребен изговор за да ги носи своите дијаманти. Сега, една нова колекција, инспирирана од извонредната кутија за накит на легендарната актерка, ја прави нејзината љубов кон впечатливиот, блескав накит достапна за новата генерација.

„Brilliant Earth“, бренд за луксузен накит со етичко потекло, стапи во соработка со „House of Taylor“ – брендот овластен од наследниците да управува со името и ликот на Тејлор – за да ја создадат колекцијата „Brilliant Earth x Elizabeth Taylor“. Оваа колекција од 17 парчиња го претставува карактеристичниот накит на ѕвездата преку три различни дизајнерски приказни: „Golden Era“ (Златна ера), која се одликува со скулптурални форми од жолто злато и комбинација од различни брусења на дијаманти; „Gardenia“ (Гарденија), со цветни мотиви и живописни рубини создадени во лабораторија; и „Classic Nouveau“ (Класичен нуво), која спојува скапоцени камења во слични нијанси со минималистички рамки. Дијаманти, сафири, смарагди, рубини и спинели – сите создадени во лабораторија – внесуваат боја во парчињата, чии цени се движат од 995 до 15.000 долари, при што повеќето модели чинат под 3.000 долари.

Колекцијата, која беше лансирана на 24 септември, црпи инспирација од жена чија лична колекција била исто толку извонредна колку и нејзината кариера. Познато е дека накитот на Тејлор беше продаден за повеќе од 137 милиони долари на аукција во „Christie’s“ во 2011 година – вклучувајќи го и прстенот со дијамант од 33,19 карати со „Asscher“ брусење, подарок од Ричард Бартон, кој беше продаден за 8,8 милиони долари – но за неа, вредноста на овие предмети била многу поголема од нивната цена. Таа верувала дека накитот треба да се носи, во него да се ужива и, пред сè, тој да раскажува приказна.

„Елизабет веруваше дека секое парче накит треба да има значење, а истото го мислиме и ние“, изјави за магазинот „PEOPLE“ Пем Кетлет, директорка за бренд во „Brilliant Earth“. „Исто така, веруваме дека секое парче треба да носи приказна поради која ќе се чувствувате добро – приказна за убавина, грижа, интегритет и почит кон луѓето и планетата.“

За Кетлет, оваа соработка претставуваше можност да се оддаде почит на личниот стил на Тејлор, без притоа едноставно да се копираат нејзините најпознати изданија. Дизајнерскиот тим посвети време на проучување на архивата на актерката и разговори со луѓе кои ја познавале, црпејќи инспирација од нејзиното ценење за мајсторската изработка и експресивниот дизајн.

„Сакавме да ја осветлиме нејзината личност“, вели Кетлет. „Таа беше актерка, активистка, уметница, колекционерка, филантроп и претприемачка; сакавме да ги одразиме тие димензии преку дизајни кои се експресивни, лични и погодни за носење и денес.“

Таа врска помеѓу накитот и жената што стои зад него оживува преку архивската изложба што ја придружува колекцијата. На 28 октомври, „Brilliant Earth“ ги пречека гостите во својот изложбен салон во Беверли Хилс на ВИП-вечер, на која беа претставени повеќе од 35 предмети од личната архива на Тејлор – вклучувајќи филмски костими, висока мода, награди и спомени кои ретко биле изложени пред јавноста.

Пам Кетлет, Тим Менделсон и Холи Харт Рејборн на панелот и настанот „Brilliant Earth x Elizabeth Taylor Archive“, одржан на 28 октомври во Лос Анџелес

Меѓу оние што ги споделија приказните зад овие предмети беше Тим Менделсон, извршен асистент и близок пријател на Тејлор од 1990 година па сè до нејзината смрт во 2011 година. Поминувајќи две децении покрај неа, Менделсон од прва рака сведочеше за тоа како актерката го користела накитот за да го слави животот, да ги зачува спомените и да ја изрази својата индивидуалност.

Овде, Менделсон за PEOPLE ги споделува личните приказни зад некои од најдрагоцените парчиња накит на Тејлор – оние што таа ги носела во секојдневниот живот – како и своето мислење за тоа што таа би помислила за новата генерација која го открива нејзиниот извонреден стил.

Поминавте 20 години покрај Елизабет. Што значеше накитот за неа, надвор од неговата убавина или вредност?

Елизабет имаше бурен живот, полн со подеми и падови, а за неа накитот секогаш претставуваше славење! Нешто забавно во што можеше да ужива и да го сподели со другите. Без разлика дали го подаруваше или го добиваше, за Елизабет накитот беше чин на љубов. Тој носеше во себе врска со одредена личност, место или момент – спомени што засекогаш остануваа зачувани преку богатствата во нејзината колекција.

Дијамантот „Елизабет Тејлор“ е исклучително иконичен; таа го носеше речиси секој ден, дури и додека спиеше. Тоа беше подарок од Ричард Бартон – еден од двете големи љубови во нејзиниот живот. Затоа, едно толку големо и гламурозно парче, кое истовремено носи длабока лична поврзаност, делува како предметот што најмногу открива за нејзината личност.

Имаме ретка можност да ѕирнеме во личната архива на Елизабет. Кога повторно се навраќате на овие предмети, кои детали или спомени ви навираат – работи за кои јавноста можеби никогаш нема да дознае?

Кога Елизабет беше во Бакингемската палата, каде што кралицата Елизабет ѝ оддаде почест прогласувајќи ја за „Дама“ на Британската империја, службениците од палатата ѝ напоменаа дека добиените одликувања смее да ги носи само за официјални настани во палатата. Па, на Елизабет тоа воопшто не ѝ се допадна. Таа беше толку возбудена што ја доби титулата „Дама“, па сакаше да ги носи одликувањата што е можно почесто. За среќа, ја известија дека во Лондон постои златар овластен за изработка на реплики. Елизабет веднаш нарача верзии изработени од дијаманти, аквамарини и злато. Сметавме дека не е соодветно тие да бидат дел од аукцијата на Елизабет во „Кристис“ (Christie’s), па затоа останаа дел од нејзината архива.

Познато е дека Елизабет поседувала извонредна колекција на накит, но претпоставувам дека за одредени парчиња се врзани приказни што ги прават незаменливи… Дали постои некој конкретен предмет за чија историја би сакале сите да знаат?

Да, Елизабет имаше огромна колекција на накит која постојано се зголемуваше. Сè се чуваше во гардеробер во кој може да се влезе, сместен веднаш до нејзината соба за облекување. Од очигледни причини, никогаш не би ја споделиле таа информација додека Елизабет беше жива, но сега, кога предметите веќе не се таму, можеме да зборуваме за тоа. Во просторијата имаше низи фиоки со прегради за накит, каде што поголемиот дел од нејзините парчиња беа организирани на начин што за нас имаше смисла. Во една фиока имаше мали привезоци – ги имаше на десетици. Меѓу нив беше и еден мал привезок во форма на срце, со вграден тркалезен дијамант. Додека Елизабет беше жива, не знаев ништо за тој предмет. Таа никогаш не го спомна, но години подоцна открив дека тоа бил подарок од Мајк Тод. Тој направил еден таков за Елизабет, а еден и за нејзината мајка.

Она што исто така го сфатив, откако дознав за него, е дека таа го носела додека го толкувала ликот на Меги во филмот „Мачка на вжештен лимен покрив“, за време на нејзината венчавка со Еди Фишер, како и на промотивните фотографии за филмот „Изненадно, минатото лето“. Тој предмет, повеќе од кој било друг што ми паѓа на ум, покажува како Елизабет го поврзувала својот накит со други луѓе – а притоа, тој бил во форма на срце! Малку е необично што го носела на венчавката со друг маж, но со оглед на тоа што нивната заедничка тага по смртта на Мајк била главната врска меѓу нив, тоа всушност има смисла.

Дали Елизабет имаше некој посебен ритуал при изборот на накит за одреден настан?

Не би рекол дека постоеше некој типичен начин на кој Елизабет го избираше накитот за настани. Понекогаш, ако сакаше да носи одреден накит за некој важен и многу јавен настан, таа нарачуваше фустан дизајниран специјално за тој накит. На пример, откако Мајк Тод ја изненади со комплет накит од рубини и дијаманти од „Картие“ (Cartier), таа во неколку наврати, при појавувања во јавноста, носеше црвени фустани кои одговараа на тој накит.

Кога планираше што ќе облече за доделувањето на Оскарите во 1992 година, каде што требаше да ја прими хуманитарната награда „Џин Хершолт“ за нејзиниот ангажман во борбата против СИДА-та, таа сакаше нов накит за да го одбележи тој настан. Првично, таа планираше да позајми накит од „Van Cleef & Arpels“. За таа пригода, таа одбра ѓердан и обетки во форма на цвеќе (маргаритки), изработени од дијаманти и хризопрас, а за да ги искомбинира со нив, нарача жолт фустан од „Valentino“. Сепак, како и обично, Елизабет на крајот го купи накитот. За Елизабет, накитот носеше спомени, а ова беше момент на голема гордост за неа – да биде одликувана од холивудската заедница за нејзината улога во борбата против СИДА-та.

Таа беше позната по своите неверојатни дијаманти и накит што привлекуваше големо внимание, но дали имаше и некои омилени парчиња со сентиментална вредност, кои можеби би ги изненадиле луѓето?

Не би рекол дека Елизабет имала омилени парчиња со сентиментална вредност што би изненадиле некого, но кога го подготвувавме накитот за нејзината книга „Мојата љубовна приказна со накитот“ (My Love Affair with Jewelry), таа инсистираше во неа да се вклучат и секојдневни парчиња – како на пример златните нараквици со монети – за да им покаже на луѓето дека накитот не мора секогаш да се состои од дијаманти, смарагди, рубини и сафири. Таа сакаше да ја прикаже разновидноста на својата колекција.

Исто така, сакаше да вклучи и страница со долги ланци со привезоци во форма на различни религиозни симболи, изработени од злато и дијаманти. Елизабет е родена во семејство кое ја практикувало „Христијанската наука“ (Christian Science), а подоцна, по загинувањето на Мајк Тод во авионска несреќа, премина во јудаизмот. Но, исто како што ги почитуваше сите луѓе, таа имаше длабока почит и кон сите религиозни практики, што понекогаш се одразуваше и во нејзиниот избор на накит – на пример, преку одредени приврзоци на нејзините нараквици. Таа ја сакаше симболиката, без разлика дали самата ја практикувала таа религија или не. Во секојдневниот живот, носењето повеќе ѓердани еден врз друг беше клучен дел од нејзиниот личен стил; тоа може да се забележи на многу неформални фотографии од неа, направени во текот на неколку децении, почнувајќи од 70-тите години.

Што би рекла таа за идејата новата генерација да го открива нејзиниот стил преку овие парчиња накит?

Намерата на Елизабет беше, откако таа веќе нема да биде присутна, нејзиниот накит да продолжи да живее во светот – со надеж дека луѓето ќе го носат, ќе го ценат и ќе го сакаат исто како што го сакала таа. Бидејќи многу малку луѓе во светот можат да ги поседуваат нејзините оригинални парчиња, фактот што ја создаваме оваа колекција во соработка со „Brilliant Earth“ е целосно во духот на нејзините желби. Стилот на Елизабета беше раскошен, па не беше тешко да се пронајде инспирација која е модерна и актуелна и денес. Елизабета сакаше да ја споделува својата страст кон накитот со оние што ѝ беа најблиски и, без притоа да биде свесна, нè учеше како да го пренесеме нејзиното наследство во иднината – со интегритет и автентичност. Особено затоа што таа беше толку „вистинска“, а истовремено и грандиозна, на свој, уникатен и сосема фантастичен начин!!