Македонија вечерва против Луксембург ги започнува квалификациите за ЕП 2028
Прв противник на избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе биде селекцијата на Луксембург, во натпревар што ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, со почеток во 19 часот.
Капитенот Филип Кузмановски очекува победа на отворањето на квалификацискиот циклус, но и добар резултат на следниот натпревар, на гостувањето против Грција.
„Македонија изминатиов период покажа еден континуитет на големите натпреварувања и сакаме да го продолжиме тоа. Искрено мислам дека напредуваме од првенство на првенство, се создаде една нова генерација, позрели сме, поискусни и нормално дека посакуваме сега да обезбедиме уште едно учество на Европско првенство“, изјави Кузмановски.
Македонија се наоѓа во групата 8, заедно со Шведска, Грција и Луксембург. По вечерашниот дуел, на 8 ноември ќе гостува кај Грција, а следните два натпревари против Шведска се закажани за март 2027 година.
Пласман на Европското првенство ќе обезбедат првопласираните и второпласираните репрезентации од секоја група, како и четирите најдобри третопласирани селекции. Завршниот турнир ќе се одржи од 13 до 30 јануари 2028 година во Шпанија, Португалија и Швајцарија.