Кузмановски: Обврска пред домашна публика е да одиграме најдобро
Машката македонска ракометна репрезентација утре со натпревар против Луксембург во Скопје ги почнува квалификациите за Европското првенство 2028 година. На досегашните дуели со утрешниот противник македонските ракометари имаат само победи.
– Сакаме да го продолжиме континуитетот и учество на уште едно големо натпреварување. Ние растеме од првенство во првенство. Сметам дека сме позрели и сонуваме да играме на уште едно првенство. Но, ќе одиме чекор по чекор. Нема да потцениме никого, ниту пак Луксембург. Имавме кус период на подготовки, но и обврска пред домашната публика да одиграме најдобро и со добра атмосфера да отпатуваме на гостинскиот натпревар против Грција, изјави капитенот Филип Кузмановски.
Натпреварот на македонската репрезентација против Луксембург се игра утре (среда) од 19 часот во Т-Арена (СЦ „Борис Трајковски“).