„Мерцедес“ ја продаде својата европска мрежа за брзо полнење
„Мерцедес-Бенз“ ја продаде својата европска мрежа на станици за брзо полнење на францускиот оператор „Електра“, потврди германската компанија. Цената на трансакцијата остана трговска тајна.
Француската компанија купува 47 локации, од кои 31 се во Германија и шест во Австрија. Овие локации, според официјалното соопштение, имаат вкупно 374 точки за полнење. Со ова купување, клиентите на „Мерцедес“ ќе добијат полесен пристап до мрежата од повеќе од 800 станици на „Електра“ , кои имаат над 5.000 точки во десет европски земји, објавува Handelsblatt.
Портпаролката на производителот на автомобили со седиште во Штутгарт изјави дека „Мерцедес-Бенз“ бил еден од првите учесници во проширувањето на глобалната понуда за брзо полнење, и преку сопствена инфраструктура и преку акции. Таа додаде дека пазарот во меѓувреме се развивал динамично и дека бројни оператори го прошириле и подобриле квалитетот на својата инфраструктура.
„Мерцедес“ редовно ја прегледува стратешката насока на сопствената мрежа на поединечни пазари. „Нашата цел е да им понудиме на клиентите најдобри можни решенија за полнење и да ги фокусираме ресурсите таму каде што тие создаваат најголема додадена вредност“, објасни портпаролката. Затоа „Мерцедес“ одлучи да ја продаде својата европска мрежа на „Електра“.