На УГД: Шефот на ИТ-секторот осомничен дека менувал оценки за пари, полицијата врши претреси
Полицијата врши претреси на повеќе локации во Штип и Скопје во рамки на истрага за сомнителни манипулации со оценки, испитни бодови и студентски досиеја на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Според информациите, во фокусот на истрагата е вработен на универзитетот, раководител на ИТ-секторот, кој е осомничен дека незаконски интервенирал во електронската евиденција на студентите.
Според првичните информации постојат сомнежи дека осомничениот менувал испитни бодови, бришел оценки и овозможувал запишување семестри на студенти кои не ги исполнувале потребните услови, во замена за паричен надомест.
„Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, СВР Штип, СВР Скопје и Секторот за компјутерски криминал при МВР, по судска наредба обезбедена од Основното јавно обвинителство Штип вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје во врска со сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ од страна на Р.Т. раководител на информатички сектор при Универзитетот Гоце Делчев во Штип. По целосно завршување на акцијата соодветно ќе ја известиме јавноста“, соопштија од МВР.
Интервенциите во оценките, според неофицијалните информации, најчесто се однесувале на студенти од Турција.
При претресот на домот на осомничениот, била пронајдена поголема сума готовина, но засега не е познат точниот износ ниту дали парите се поврзани со истрагата.