Судир на две возила, отежнат сообраќајот на Борис Трајковски
Тешка сообраќајна несреќа утрово се случила на булеварот „Борис Трајковски“ во Скопје, во близина на поранешната „Стакларница“.
Како што пренесува „Вечер“, во судирот учествувале патнички возила „Мерцедес“ и „Цитроен“, кои од силината на ударот претрпеле сериозни оштетувања. Делови од автомобилите се расфрлани по коловозот.
Поради несреќата, сообраќајот во овој дел од градот се одвива отежнато, а на местото се создадени долги колони возила.
Полициски екипи се на терен и вршат увид за утврдување на причините за несреќата. Засега нема официјални информации дали има повредени лица.