САД вршат булинг врз Европа како никогаш досега
Администрацијата на Трамп се обидува да управува со внатрешната политика на американските сојузници
На вечера во Атина во март, Кимберли Гилфојл, тогашната амбасадорка на САД во Грција, даде изјава во која на елегантен начин се споија ароганцијата и заканата. Според „Волстрит џурнал“ и „Фајненшел тајмс“, Гилфојл се осврнала на проблемите во владејачката коалиција во Романија и – во присуство на грчки политичари – си припишала заслуга за нејзиниот претстоен колапс:
„Можеме да го направиме тоа со која било земја што ќе посакаме“, рече таа. „Можеме да го направиме тоа и овде.“
Подоцна, Гилфојл се најде во немилост поради сосема друга причина. Додека Американците беа повеќе вознемирени од нејзината очигледна алчност, Европејците останаа згрозени од нејзиното политичко фалење. Гилфојл очигледно верувала дека може да влијае врз коалициските политики на демократски избраните европски влади – земји кои се сојузници на САД и членки на НАТО. Згора на тоа, таа не е единствениот претставник на администрацијата на Трамп што се обиде да го стори токму тоа.
Некогаш, Американците ја промовираа демократијата во Европа како политички систем и, во рамките на тој општ пристап, ги прифаќаа сите избрани политичари од центар-левицата и центар-десницата како легитимни. Оваа администрација, заедно со деловната елита поврзана со неа, сега спроведува поинаква политика. Во одредени случаи, тие ги промовираат интересите на партии за кои сметаат дека се идеолошки блиски до движењето „MAGA“ (Make America Great Again), вклучително и такви што се отворено проруски настроени.
Други европски политички фигури, пак, изгледа дека го добиле (или се обидуваат да го добијат) благословот од Вашингтон, бидејќи можат да ги промовираат комерцијалните интереси на лица блиски до администрацијата. Според достапните информации, во најмалку три случаи, Американците се обиделе да ги убедат избраните европски лидери да ги напуштат своите актуелни коалициски партнери и да ги заменат со нови, кои повеќе ѝ одговараат на Белата куќа.
Најјасниот пример доаѓа од Полска. Полските медиуми, вклучително и оние од крајната десница, нашироко известуваа дека претседателот Трамп му дал силен навестувачки сигнал на лидерот на една од двете партии коалициони партнери на владеечката – дека треба да смени страна.
Станува збор за министерот за одбрана, Владислав Косињак-Камиш, лидер на малата, аграрно ориентирана Полска народна партија. Пролетта тој престојуваше во Вашингтон за да присуствува на церемонијата на доделување на „Медалот на честа“ на еден американски војник, кој му го спасил животот на полски војник во Авганистан. Веднаш по настанот, организиран од полски активисти поврзани со движењето MAGA, претседателот го издвоил Косињак-Камиш настрана. Според извештаите, Трамп му рекол дека во Вашингтон би уживал многу поголема почит доколку ја напушти владејачката коалиција и, наместо тоа, склучи договор со полските националистички и крајно десничарски партии. Косињак-Камиш не го послушал советот на Трамп.
Ова не е првпат администрацијата на Трамп јасно да ги покаже своите симпатии во Полска. За време на минатогодишната претседателска кампања во Полска, кандидатот од крајната десница, Карол Навроцки, го посети Вашингтон, каде што Трамп ја поддржа неговата кандидатура. По победата на Навроцки, Трамп во повеќе наврати си припишуваше заслуги за тој успех – исто како што тој и неговиот тим си припишуваа заслуги за изборните победи во Латинска Америка. Сепак, оваа најнова приказна делува поинаку. Американски претседател кој бара од политичар во сојузничка странска земја да ја смени коалицијата? Ништо слично немало во Полска уште од времето кога советските лидери одлучувале кои полски комунисти ќе владеат.
Гилфојл ја нема моќта на Трамп, но како негов претставник, таа делуваше невообичаено добро упатена во внатрешните детали на романската политика, иако таа беше назначена на должност во Атина. Кон крајот на март, таа учествуваше на панел-дискусија на деловна конференција во Букурешт и зборуваше за „вертикалниот гасен коридор“ – систем од гасоводи што ги поврзува Грција, Романија, Украина и други земји од Југоисточна Европа. Христос Марафатос, лобист на Актор Груп, грчка компанија со интереси во гасоводниот систем, често патувал со Гилфојл, толку често што некои странски претставници го помешале со нејзиниот шеф на кабинет.
Илие Болојан, романскиот премиер во тоа време, беше поддржувач на проектот за гасоводот, но тој не беше заинтересиран да ја врзе Романија со договор за купопродажба на гас затоа што цената не беше конкурентна и затоа што Романија се подготвува да го извезува својот гас.
Други беа. На истото патување, Гилфојл беше видена (и снимена) како вечера во скап ресторан во Букурешт со еден од коалициските партнери на Болојан, Сорин Гриндеану, лидерот на Романската социјалдемократска партија, и неколку други романски политичари. Еден од присутните, поранешен министер за енергетика, беше заинтересиран за купување американски течен природен гас (LNG) и наводно им пишал на премиерот и претседателот, барајќи токму тоа.
Во текот на следните неколку месеци, социјалдемократите на Гриндеану ќе ја напуштат владејачката коалиција, а потоа ќе се приклучат на романската крајно десничарска партија во поддршката на гласањето за недоверба на либерално-центристичката влада на Болојан, принудувајќи го да поднесе оставка. Гриндеану категорично негираше дека Гилфојл или кој било друг Американец влијаел на неговата одлука. Лидерот на романската крајна десница, Џорџ Симион, проруски политичар кој се обидува да изгради односи со влијателни лица од MAGA блиски до Трамп, се опиша себеси како „добар пријател“ на Гилфојл, но исто така негираше дека таа влијаела на одлуката. Сепак, не е тешко да се види зошто некои Романци мислат дека таа влијаела.
Една значајна карактеристика на падот на романската влада беше нејзиното оркестрирање од две политички партии – едната наводно од централно-левичарската, а другата од екстремната десница. Со заедничка работа, тие го скршија таканаречениот заштитен ѕид, долгогодишна определба да се исклучат политичките партии и лидерите кои се симпатизери на фашизмот од мејнстрим политиката.
Истиот заштитен ѕид постои и во Германија, каде што конзервативната Христијанско-демократска унија ја води владата со централно-левичарските социјалдемократи како помлад партнер. Некои германски политичари веруваат дека администрацијата на Трамп сака ЦДУ да го скрши заштитен ѕид и наместо тоа да формира коалиција со крајно десничарската АфД (Алтернатива за Германија). АфД е отворено проруски ориентирана, а некои од нејзините политичари имале неонацистички припадности. За многу демофристијани , членови на конзервативна партија основана во повоената ера како бедем против екстремизмот, приклучувањето кон АфД е речиси незамисливо раскинување со нивните вредности.
Наместо директно да им се обраќа на лидерите на ЦДУ, Трамп го искористи својот профил на Truth Social за да ја промовира АфД јавно поздравувајќи ја победата на партијата на неодамнешните регионални избори: „ТИЕ СЕ ВО ПОГОН“, напиша тој, „и нема да го трпат тоа повеќе!“
Елон Маск, близок сојузник на администрацијата и најзначаен донатор на Републиканската партија, виртуелно присуствуваше на настан на АфД пред најновите избори за Бундестагот. Бидејќи алгоритмот X на Маск им дава огромна тежина на објавите од неговиот профил, ова претставуваше голема, бесплатна промоција за АфД.
Неколку германски политичари споменаа уште еден инцидент. Порано оваа година, група пратеници од различни политички партии дојдоа во Вашингтон и закажаа состаноци во Пентагон и Стејт департментот. Според висок член на ЦДУ, им било кажано дека само претставници од АфД и на ЦДУ можат да влезат во зградите. На членовите на Социјалдемократската партија, кои се дел од владината коалиција, не им беше дозволено. Ниту на другите. Членовите на ЦДУ одбија да одат бидејќи раководството на партијата го сфати гестот како порака до нив: Единствениот партнер што го признаваме е АфД.
Овој гест демонстрираше автентичен презир на администрацијата на Трамп кон германската демократија. Но, исто така откри длабока контрадикција во надворешната политика на САД. Од една страна, американските претставници ги охрабруваат Европејците да ги изградат своите воени сили. Зборувајќи во седиштето на НАТО минатото лето, Елбриџ Колби, потсекретар за одбрана, рече дека во иднина американските сојузници треба да „ја преземат примарната одговорност за конвенционалната одбрана на Европа“. Германија, Полска и Романија се земји кои го сфатија ова барање сериозно.Од друга страна, пак, истата администрација директно им оди во прилог на политичките партии и лидери кои се противат на трошоците за одбрана, кои се наклонети кон Русија, или кои не ветуваат дека ќе ја бранат Европа или ќе ги почитуваат европските граници.
Алис Вајдел, ко-лидерката на партијата АфД , се противи на испраќање воена помош за Украина, а исто така се изјаснува и против одбранбена соработка со други европски земји. Ко-претседателот на партијата, Тино Крупала, повика на повлекување на американските војници од Германија. Џорџе Симион, лидерот на романската крајна десница, во минатото се залагаше за враќање на границите на Романија какви што биле пред 1940 година, вклучувајќи територии што денес се наоѓаат во Украина. Полската крајна десница во последно време почна да повторува антиевропски и антиукраински наративи – од типот на оние што се популарни и во Вашингтон и во Москва – со што се поткопува поддршката за единствена европска одбрана.
Всушност, администрацијата промовира повторно вооружување на Европа и европска одбранбена соработка, додека истовремено промовира политичари кои се противат на таквото вооружување или соработка. Низ демократска Европа, јавноста и политичарите се збунети. Некогаш, Европејците генерално веруваа дека Америка ја промовира демократијата – како политички систем, а не како поддршка за одредени партии – и дека одлучно им се спротивставува на Русија и на другите авторитарни режими. Се чини дека сега претставниците на администрацијата на Трамп го промениле пристапот. Некои од нив, како Гилфојл, изгледаат повеќе заинтересирани за комерцијални зделки отколку за безбедност. Други, пак, се чини дека следат опасни цели. Дали Америка сака Европејците да изградат големи војски – а потоа да ги растурат европските институции и да им ги препуштат тие војски на националистите? Таквата политика беше испробана во 20-тиот век и доживеа драматичен неуспех. (Атлантик)