Алта банка АД Битола ставена на Листата за набљудување на Македонската берза


Македонска берза денеска соопшти дека Одборот на директори донесе заклучок за внесување на издавачот АЛТА банка АД Битола на „Листата за набљудување“ што се објавува на веб страница на Берзата, согласно член 61-а од Правилата за котација.

Внесување на друштвото АЛТА банка АД Битола на „Листата за набљудување“ е со цел за обрнување на внимание на инвеститорската јавност поради тоа што за друштвото НБРСМ има донесено решение со коешто се воведува администрација во АЛТА банка АД Битола, соопшти Берзата.

Целта на Листата за набљудување на Македонската берза е да посочи на инвеститорската јавност на одредени вонредни околности, ризици или случувања поврзани со конкретен издавач.

Ставањето на едно друштво на оваа листа не значи прекин на тргувањето со неговите акции, тоа  продолжува, но со зголемен надзор. Практично, станува збор за сигнал од Берзата до инвеститорите дека треба дополнително да ги истражат случувањата пред да купат или продадат акции од тој издавач.

Во Правилата за котација на Македонската берза, се наведуваат и причините кога некоја компанија се става на листата за набљудување. Најчесто станува збор за објавена намера за понуда за преземање на акционерското друштво, значајни промени или одлуки на регулаторни тела, или други корпоративни или финансиски околности што бараат јавноста да биде попретпазлива.