Македонската мода е повеќе од стил, начин на живеење!


Фото: Б. Грданоски

Со иновативни модни ревии, инспиративни модни муабети, да видиш и да бидеш виден, креативна енергија и многу дотерани гости (со долги тоалети, дизајнирани хулахопки и бунди), заврши 33. издание на Моден викенд Скопје на Света Богова- Јовановска. За прв пат сместен во просторот на Музејот на современата уметност (МСУ), настанот од три дена доби поинаква димензија, каква што заслужува, а просторот зрачеше со современ дух и нова модна енергија. Барањето повеќе места за паркинг, доволно кажува за посетеноста и интересот.

Фото: Б. Грданоски

Ова издание уште еднаш покажа дека македонската мода има што да каже, има креативност, сака да биде одговорна кон заедницата, има талент, но и имиња кои уште живеат на стара слава, а пред сé, има луѓе кои веруваат во неа. Зад секоја ревија стојат идеи, визии, часови посветена работа и желба модата да биде повеќе од обична облека – да стане личен израз , став и уметност.

А колку сме ние зависни од модата? Можеби повеќе отколку што сакаме да признаеме.  Ја следиме, ја коментираме, ѝ се восхитуваме, понекогаш и ѝ робуваме. Но, модата не е само прашање на трендови и брендирани парчиња.Таа е дел од нашето секојдневие, начин на кој се гледаме во огледало и се претставуваме во јавноста и тивок јазик преку кој кажуваме кои сме, како се чувствуваме и во што веруваме.

Фото: Б. Грданоски

Скопје покажа дека сака мода, дека сака да ја живее, и дека има публика која знае да ја препознае. Но уште поважно, македонската модна сцена има потреба од континуитет, иако звучните имиња кои собираат уважени гости, сé помалку ги има, поддршка и простор за нови идеи. Зашто модата не се создава  само на модните писти, туку  и во ателјеата, студијата, малите креативни приказни и храбрите одлуки на оние кои се осмелуваат да бидат поинакви.

Фото: Б. Грданоски

Токму затоа, 33. Моден викенд Скопје не беше само едно модно случување во низата, туку потсетник дека модата кај нас живее, се развива, ги шири хоризонтите надвор од границите, ужива поддршка меѓу дипломатскиот кор во земјата, и заслужува внимание.

Фото: Б. Грданоски

А трендовите ќе се менуваат или враќаат, самобендисаноста и селфијата, исто така, но потребата да се изразиме преку она што го носиме, ќе остане.Зошто можеби не сме сите робови на (екстремната и прескапа) мода, но сите на некој начин сме дел од нејзината приказна.

Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски