33.Моден викенд Скопје ја затвори пистата со приказни што продолжуваат (фото)


Од архитектурата на старите охридски куќи до јапонската филозофија на кинцуги, од работната облека како симбол на независност до личната приказна како дизајнерска инспирација, завршниот ден на 33. Fashion Weekend Skopje, синоќа, покажа колку различни искуства може да собере една модна писта. Во Музејот на современата уметност во Скопје, програмата ги поврза културното наследство, современиот дизајн и слободата на изразување.

Стефанија Насеска со „Nostalgia“, понуди одлична колекција, инспирирана од македонската градска архитектура од XIX век, особено од старите охридски куќи. Каскадните структури и деталите од ентериерите добиваат нова форма во облеката, додека црвениот кадифен текстил, милјеата и завесите стануваат елементи на современи силуети.

Преку повторна употреба, креативна преработка и намалување на отпадот од материјали, Насеска ги поврзува културната меморија и одржливиот дизајн.

PETROVA, новиот моден бренд на Софија Петрова, се претстави со дебитантската колекција „The Last Diplomat“. Прецизното кроење и архитектонските форми ги доведуваат во дијалог машките и женските елементи.

Инспирирана од меморијата, авторитетот и трансформацијата, колекцијата гради свет во кој секој изглед има сопствена улога и силно индивидуално присуство.

Со поддршка од Albania Fashion Week, Caterina Mató ја претстави „Roderna“, инспирирана од „Roma Moderna“ и архитектонските линии на Рим. Ленот, памукот, структурираниот деним и техничките ткаенини се среќаваат во чисти силуети и избалансирани пропорции. Колекцијата е замислена за современата жена и нејзиното секојдневие, со парчиња што ги поврзуваат практичноста, тивката сила и рафинираната елеганција.

Завршницата ѝ припадна на Олгица Ѓоргиева и „KINTSUGI“, колекција за убавината на времето и трагите што тоа ги остава. Јапонската филозофија на кинцуги и античките мозаици се појдовни точки за приказна во која несовршеноста, грижата и занаетот добиваат посебна вредност. Различните фрагменти создаваат нова целина, а минатото останува видливо како дел од нејзината убавина и идентитет.

Дневната програма го отвори прашањето кој ги поставува границите во модата. Во рамките на „Fashion without Limits“ на SIEC Macedonia, панелот „Stereotypes and Social Media“ беше посветен на стереотипите, социјалните медиуми и самоизразувањето преку облеката. Темата ја постави модата во поширок општествен контекст, во кој сликите што ги создаваме и споделуваме влијаат врз доживувањето на себеси и на другите.

Во продолжение, модниот перформанс „Fashion Icons. Re-designed – Wear Your Story“ ја истакна личната приказна како основа за автентичен израз. Преиспитувањето на модните икони и охрабрувањето на индивидуалноста ги поврзаа двата сегмента во заедничка порака за мода отворена кон различни идентитети и искуства.

Ревискиот дел започна со групното претставување на Интернационалниот моден институт „Изет Цури“, во кое пет авторски колекции понудија различни пристапи кон силуетата, занаетот и инспирацијата.

Северџан Елези, претставен како ELEZI SVRXHN, со „Inspiration on the Road“ го користи патот како метафора за креативната слобода. Во неговиот авторски концепт, визијата, страста и работата со раце се двигатели на дизајнот. Колекцијата ја нагласува желбата за истражување надвор од воспоставените правци и за создавање сопствен моден потпис.

Хурија Рамадани, со „Ethereal Bloom“, ја развива својата приказна низ различните фази на расцутувањето. Нежните бои, скулптуралните цветови, кристалите и деталната работа со мониста создаваат романтични силуети. Секој изглед претставува нова фаза од цветниот циклус, со венчалниот фустан како завршна креација.

 

Со овие претставувања, 33. Моден викенд Скопје заокружи три дена во кои модата и современата уметност споделија простор, публика и прашања. Завршната програма ја нагласи разновидноста на авторските пристапи и важноста на платформа што им дава простор и на новите имиња и на веќе препознатливите дизајнерски потписи.

Фото: Моден викенд Скопје