Се степале навивачите „Сити Парк Бојс“ и „Фемили“ во Аеродром, еден повреден


Иако вечерва не играат МЗТ Скопје и Работнички, сепак двете навивачки групи на клубовите се пресретнаа пред салата „Јане Сандански“, пренесе Спортспорт.

„Сити Парк Бојс“ дојдоа да ги бодрат „црвено-белите“ на дуелот против Скопје, но непосредно пред натпреварот биле пресретнати од навивачите на МЗТ Скопје – „Фемили“.

Во отсуство на поголемо обезбедување, двете навивачки групи физички се пресметале, при што има и сериозно повредени членови на двете групи. На местото пристигнала брза помош, повредените се пренесени во Ургентен Центар, како и поголем број полициски службеници, кои спречиле пресметката да добие уште поголеми размери.

Во салата „Јане Сандански“  присутно било и засилено обезбедување.

Според „Скопје1“ едно лице е пренесено во билница, додека едно е приведено. Детали околу тежината на повреденото лице засега нема, ниту дали дополнително ќе бидат приведени и други лица.

„Инцидентот бил пријавен денеска, 31 октомври, околу 18:55 часот во СВР Скопје. Според МВР, повеќе членови на навивачката група „Фемили“ се движеле од улицата „Васко Карангелески“ кон спортската сала „Јане Сандански“, каде што претходно биле собрани околу 50 навивачи на КК „Работнички“. Во еден момент, помала група од навивачите на „Фемили“ запалила пиротехнички средства, се приближила до навивачите на Работнички и физички ги нападнала.

По нападот, учесниците се оддалечиле во различни правци. Едно лице е приведено, а едно лице се здобило со повреди и истото со возило на Итна медицинска помош е пренесено во ГОБ „Св. Наум Охридски“ за укажување лекарска помош“, информираат од МВР за „Скопје1“.