Акција за собирање на текстилен отпад, Штип на чекор од отворање на собирен центар


Во Штип се реализираше првата акција за собирање на текстилен отпад од домаќинствата, која е и прв чекор кон отворање на собирен центар во Општината. Борис Шарковски од Фондацијата за развој на локалната заедница-Штип, која е носител на проектот, вели дека нивниот проект е финансиран од Европската климатска иницијатива преку Владата на Германија и ГТЗ. Текстилниот отпад од собирниот центар ќе се употребува за перници за седење, миленичиња, укрсни пернички, различни видови на производи кои што се полнат со обработениот текстилен отпад.

-Ова е прва поголема организирана акција, каде што граѓаните можат да донесат гардероба, отпад-текстилен, кој што им се наоѓа дома, без разлика дали тоа може да се носи или не може да се носи, е неупотребливо. Значи, ние прибираме секаков вид на текстилен отпад од домаќинствата, не од индустријата, туку само од домаќинствата. Со ова, реков, се започнува отворањето, почетокот на собирен центар за текстилен отпад, кој што секоја општина којашто има над 30 000 жители мора да го има. Општина Штип исто така мора да има, во случајов фондацијата заедно со Општината ќе го раководи овој центар за управување со текстилен отпад. Нашата идеја, за разлика од други вакви акции кои што исто така се добри, е овој отпад да не се депонира на  депонија- изјави Шарковски.  

​Тој посочи дека нивните истражувања покажуваат оти ​Македонија произведува големи колични на текстилен отпад. Но, како што вели, граѓаните на општина Штип произведува пет пати повеќе отколку што цела Македонија.

– На ниво на држава, вкупното количество на текстилен отпад отпаѓа некаде околу 5%, во Штип тој процент е многу, многу поголем, 35 до 40% зависно од годината, затоа што Штип е текстилен град и тоа е нормално да биде така. Штетата што текстилниот отпад ја прави е затоа што најголем дел од ова што го носиме е синтетика. Синтетиката, ако ја разложувате, е пластика, а пластиката се прави од нафта, значи многу лесно се пали- вели Шарковски.

Текстилниот отпад прави и голема штета на животната средина, а отпадот кој што денеска се собира е само од домаќинствата.

-Но, интересно е што според нашите истражувања отпадот од индустријата е помал од купувањето од домаќинствата, некаде 57% доаѓа од домаќинствата. Ние сите знаеме колку имаме дома стара облека во своите плакари. Ова е еден од начините да си ги исчистиме плакарите, но и да направиме нешто добро за локалната заедница и воопшто за животната средина- истакна Шарковски.

​Прашан дали македонските текстилни компании, конкретно текстилните конфекции во Штип го почитуваат Законот за депонирање на текстилниот отпад, кој останува по производството на облека, Шарковски вели дека најголем дел од нив веќе имаат потпишано договори со колективни постапувачи, бидејќи текстилните компании мораат да имаат договор со колективен постапувач кој што го зема отпадот, го мери и потоа понатаму  го рециклира или го извезува за рециклирање.  

​Тој додаде дека согласно Законот за управување со дополнителни текови на отпад, секоја општина над 30 000 жители мора да има собирен центар, а помалите општини треба да се здружат до 30 000 жители и да направат собирен центар. 

-Во Македонија од донесувањето на законот од 2023 година, само во најава има два собирни центри – Гази Баба и Охрид, но само во најава. Прв кој што ќе биде отворен, кој што денеска да кажеме дека свечено се отвора, ќе биде во Штип и општина Штип ќе биде прва кој што има ваков собирен центар и тоа не само во Македонија, малку и пошироко на Балканот, посебно на Западен Балкан. Ретко има општини како општина Штип кои што решиле ова да го прават. Во нивниот случај е со поддршка на фондацијата, но за граѓаните е важно да има собирен центар, кој го плаќа и кој го оперира не е толку важно- рече Шарковски. 

Акцијата за собирање на текстилен отпад се реализира во централното градско подрачје во Штип, кај стоковната куќа НАМА.