Инвеститори од Емиратите се интересираат за потенцијалот на Гази Баба


Општина Гази Баба ја посети висока делегација на инвеститори од Обединетите Арапски Емирати, со која остваривме значајна средба насочена кон продлабочување на економската соработка и отворање нови перспективи за развој на општината.
 
Во делегацијата биле д-р Хамад Ал Памси, претседател на „Emirates Investment Group“; Елиас Згеиб, главен извршен директор на „Emirates Investment Group“; Антон Ел Зогби, потпретседател на „Al Bata Group“.
 
На средбата присуствувал и Н.Е. Абдулкадар Мемеди, амбасадор на Република Македонија во Обединетите Арапски Емирати.
 
 Особено значаен резултат од средбата е склучувањето Меморандум за соработка, со кој поставуваме основа за понатамошно поврзување, развивање партнерства и конкретни активности во насока на привлекување инвестиции, информираа од Гази Баба.
 
– Во фокусот на разговорите беа економските потенцијали и развојните можности на Општина Гази Баба, со посебен акцент на промоцијата на индустриската зона „Северна обиколница“, како простор со значителен потенцијал за нови инвестиции, отворање работни места и поттикнување на стопанскиот развој. Оваа средба е важен чекор кон создавање нови меѓународни партнерства и афирмација на Гази Баба како општина со отворени можности за инвестирање, развој и напредок – сметаат од таму.
 
Велат дека во периодот што следи ќе работат на конкретизирање на договорените активности и претворање на можностите во реални инвестиции и проекти.
 
Оваа соработка сметаат дека ќе донесе економски раст, нови инвестиции, нови работни места и забрзан развој на Општина Гази Баба.