Народниот правобранител ќе дежура за пријави на денот на изборите во Брвеница
Народниот правобранител на 1 ноември, кога ќе се одржи вториот круг од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, ќе обезбеди дежурство за прием на претставки од граѓаните за евентуални повреди на избирачкото право.
Како што соопшти омбудсманот, подрачната канцеларија во Тетово ќе биде отворена од 7 до 19 часот, односно за време на гласањето, со цел граѓаните да можат да пријават каква било повреда на избирачкото право. Пријавите ќе можат да се поднесуваат лично во канцеларијата или на телефонскиот број 044/344-082.
Народниот правобранител информира дека ќе ги штити правата на граѓаните преку преземање итни мерки за ефективно постапување од страна на надлежните органи во изборниот процес и другите институции задолжени за заштита на загарантираните права.
Во соопштението се потсетува дека избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно право што се остварува на слободни избори со тајно гласање.
Оттаму нагласуваат дека никој не смее да биде повикан на одговорност поради остварување на избирачкото право, при што потсетуваат дека повредата на слободата на определување на избирачите и другите повреди на избирачкото право претставуваат казниви дела.