Сведокот Крстевски: Перпарим Бајрами го викаше Груби: Шефот


Фото: Б. Грданоски

 Со сослушување на сведокот Андреј Крстевски, советник за имплементирање проекти во АД Лотарија,  денеска во Кривичниот суд продолжи судењето за предметот „Државна лотарија“, во кој обвинети се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на АД „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами и уште шест лица.

Крстевски, кој бил член на Управниот и Надзорниот одбор на АД „Државна лотарија“, а во одреден период и заменик-директор, сведочеше за начинот на донесување одлуки во претпријатието, како и за постапката за набавка на ВЛТ терминалите.

Одговарајќи на прашања на Обвинителството, сведокот изјави дека додека тој бил член на УП и НО, функцијата генерален директор ја извршувала Катица Николова Прнакова, додека, Перпарим Бајрами бил нејзин заменик. Според него, во мандатот на Николова Прнакова одлуките биле дополнително образложувани, додека подоцна членовите на органите можеле да се консултираат со правната служба.

Во врска со набавката на ВЛТ терминалите, Крстевски рече дека за идејата бил информиран лично од Бајрами.

– За набавката на ВЛТ терминалите директорот Перпарим Бајрами ме повика во неговиот кабинет каде што ми беше претставена идејата. Сметам дека ние како членови на Управниот одбор требаше да се изјасниме по оваа точка – изјави сведокот.

Тој додаде дека за спроведената постапка дознал непосредно по нејзиното завршување од лица кои биле членови на комисии задолжени за спроведување на постапките.

– Мислам дека не беа ставени во функција, се чекаше за нивни решенија, беа ставени во некој наш магацин – рече тој во одговор на прашање каде се сега терминалите.

На прашање што му е познато за односот меѓу Бајрами и Груби, Крстевски одговори дека тие биле во пријателски односи, доаѓале од иста политичка партија, учествувале на партиски собири и дека Бајрами за Груби се обраќал како за „шефот“.

Во вкрстеното испрашување од страна на обвинетиот Бајрами, сведокот потврди дека членовите на Управниот одбор при одлучувањето се потпирале на мислењата и насоките од правната и финансиската служба. На прашање дали поранешната директорка имала блиски релации со „Казино Австрија“, одговори потврдно.

Бранителот на Бајрами, адвокатот Еленко Миланов, по рочиштето изјави дека за набавката на ВЛТ терминалите постоеле одлука од Надзорниот одбор и заклучок на Владата, кои, како што рече, се органи повисоки од Управниот одбор.

Според Миланов, сведокот потврдил дека терминалите биле предвидени во финансискиот план и планот за јавни набавки, како и дека сè уште се наоѓаат во сопственост на Државна лотарија.

– Не постои никаква пречка овие апарати да бидат пуштени во употреба, да бидат отстапени или продадени на правни субјекти кои што имаат лиценци за приредување на такви игри на среќа. Со тоа, не може да зборуваме за постојење на штета, особено, оно што ќе го чуете од вештите лица, е дека вредността на овие апарати, иако се година и нешто во магацинот на Лотарија, е значително, около 40-50 проценти повисока во овој момент – рече Миланов.

Во предметот „Државна лотарија“, покрај Груби и Бајрами, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски. Според обвинението, со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари. Сите обвинети во досегашниот тек на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судската постапка ја води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски. Следното рочиште треба да се одржи на 6 ноември.