„Фолксваген“ објави пад на приходите за третото тримесечје
Германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ објави дека нивните приходи од јули до септември се намалиле за 6,3 отсто, на 75,3 милијарди евра, додека бројот на испорачани возила паднал за 14,3 отсто, на 1,89 милиони. Во третото тримесечје годинава, следствено, забележана е нето-загуба од 5,8 милијарди евра, а голем удел во сѐ тоа има кинескиот пазар, пренесува „Шпигел“ (Der Spiegel).
Главните причини за овие слаби резултати вклучуваат отпис на вредноста во износ од 6,4 милијарди евра поврзан со „Порше“, слабеење на деловните активности во Кина, како и трошоците околу реструктурирањето на групацијата. Според наводите, „Фолксваген“ во третото тримесечје имал вонредни трошоци во вкупен износ од 7,8 милијарди евра. Иако отписот поврзан со „Порше“ не претставува реален одлив на готовина, тој значително ја намалува прикажаната оперативна добивка и одразува повнимателни очекувања во однос на идните деловни резултати на овој производител на луксузни спортски автомобили и теренски СУВ-возила.
– Резултатите за првите девет месеци јасно покажуваат дека не смееме да губиме време и дека треба да дејствуваме брзо и одлучно!, изјави главниот финансиски директор на групацијата, Арно Антлиц.
Тоа, според порталот „Б-92“, може да значи отпуштање на 50.000 вработени.
„Порше“ – некогаш еден од најпрофитабилните сегменти на групацијата, веќе извесно време се соочува со криза. Клучните предизвици вклучуваат пад на продажбата во Кина, царинските политики на САД, како и промени во стратегијата на компанијата за електрификација. Иако деловните резултати неодамна се стабилизираа, притисокот врз групацијата како целина останува силен.