Кристин Лагард ја напушта функцијата шеф на ЕЦБ пред крајот на нејзиниот мандат
Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, ја напушта својата позиција на 7 февруари следната година
Европската централна банка (ЕЦБ) објави во четврток дека нејзината претседателка, Кристин Лагард, ќе ја напушти својата позиција на 7 февруари следната година, пред крајот на нејзиниот мандат, кој требаше да трае до октомври 2027 година.
View this post on Instagram
Кристин Лагард е на чело на оваа институција од јули 2019 година, а нејзиниот мандат требаше да трае до октомври 2027 година.
Членовите на Управниот совет на ЕЦБ ја поздравија Лагард со овации, според CNBC.
Најавата за нејзиното заминување дојде пред новата одлука на Европската централна банка за каматните стапки.
– Мислам дека на тој начин ќе можам да помогнам во каузите што ги поддржувам – изјави Лагард, без да наведе детали, потсетувајќи дека во моментов е должна да остане неутрална.
„Заинтересирана сум за вистината“, која сега „се искривува“, додаде таа на прес-конференција по завршувањето на дводневниот состанок на ЕЦБ за монетарната политика, на кој Банката очекувано ги остави основните каматни стапки непроменети.
Таа увери дека ќе биде обезбеден целосен континуитет во работата на институцијата.
– До 7 февруари ќе останам фокусирана на моите обврски како претседателка на ЕЦБ и ќе продолжам да работам со полна пареа, без никакви изговори – нагласи Лагард. Таа потсети дека дотогаш ќе се одржат уште два состанока на ЕЦБ за монетарната политика и додаде дека ќе се повлече веднаш по вториот состанок.
Заминувањето на Лагард доаѓа во време кога се очекува повлекување и на уште неколку членови од раководството на Европската централна банка. Одлуката беше објавена и во време кога се појавија информации дека 70-годишната Французинка би можела уште следниот месец да биде избрана за претседателка на Светскиот економски форум, како и по шпекулациите за нејзино можно враќање во француската политика.
Предвременото повлекување на Лагард им остава на лидерите на Европската Унија неколку месеци за избор на наследник на една од највлијателните економски функции во блокот, пред претседателските избори во Франција во пролетта 2027 година. Според анкетите на јавното мислење, фаворитка на тие избори е кандидатката на крајната десница, Марин Ле Пен.
Кога станува збор за наследникот на Кристин Лагард на чело на ЕЦБ, меѓу водечките кандидати се сметаат поранешните гувернери на централните банки на Холандија и на Шпанија, Клас Нот и Пабло Ернандес де Кос.