Се смени власта, се враќа „Егзит“ во Нови Сад
Музичкиот фестивал „Егзит“ објави дека ќе се врати на Петроварадинска тврдина следниот јули, иако неговото целосно враќање првично беше планирано за 2028 година, пренесуваат српските медиуми.
„По три дена прослава на оваа историска победа, со задоволство потврдуваме: „Егзит“ се враќа дома“, беше објавено на официјалната веб-страница на фестивалот.
Организаторите изјавија дека претходно рекле дека „Егзит“ ќе се врати кога слободата ќе се врати во Србија и дека овој момент, како што процениле, дошол благодарение на храброста, решителноста и упорноста на студентите.
– Првично, планиравме да се вратиме во 2028 година, бидејќи целосното враќање, како што го замислуваме, бара најмалку 18 месеци подготовка. Но, вие нè опсипавте со толку многу љубов – наведуваат тие.
Тие добија голем број мејлови, пораки, коментари, а огромното внимание на медиумите јасно им покажа едно – „не можете да чекате толку долго, а не можеме ни ние“.
– Затоа, иако големото враќање на „Егзит“ е планирано за 2028 година, следниот јули повторно се собираме на Тврдината за да ја прославиме слободата, единството и љубовта, со посебно „Егзит“ искуство кое наскоро ќе го откриеме – додадоа организаторите.
Организаторите на „Егзит“ претходно проценија дека оваа манифестација е „суштински забранета“ во Србија поради поддршката што им ја дадоа на студентите. Затоа фестивалот не се одржа во Нови Сад оваа година, каде што претходно се одржуваше 25 години.
Годинешното издание на фестивалот се одржа на неколку локации низ целиот свет, од Црна Гора и Малта до Египет.