Муцунски за Ива Михаилова: Непристојно е земја членка на ЕУ да стане прибежиште за бегалци од правдата


Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, упати остра порака до официјална Софија во врска со третманот на бегалците од македонското правосудство и конкретно тоа на Ивa Михајлова, нагласувајќи дека и државите членки на Европската Унија мора да ги почитуваат врвните европски стандарди за владеење на правото.

„Како земја кандидат за членство во ЕУ, очекуваме и членките да ги почитуваат највисоките стандарди во врска со владеење на правото. Навистина е непристојно една земја членка на ЕУ да станува прибежиште за тие коишто или се осудени за кривични дела или се лица за коишто има степен на сомнение и се водат постапки во рамки на судовите во државата“, дециден беше Муцунски.
 
„Ќе бидам внимателен затоа што, на линија на тоа што го кажа и претседателот на владата, Мицкоски, пред неколку дена, немаме интерес да си дозволиме да станеме дел од естрадата поврзана со оваа тема во Бугарија, којашто е поврзана и со претседателските избори коишто се во тек во таа држава“, рече Муцунски.
 

Тој сепак порача дека Македонија не ги прекинува интензивните дипломатски напори за деблокада на евроинтегративниот пат и  дека билaтералниот дијалог со Бугарија продолжува, но исклучиво во координација и активна комуникација со сите земји членки на Европската Унија.

Муцунски откри дека во изминатите денови остварил важни средби на највисоко ниво, вклучително и со францускиот министер за европски прашања во Црна Гора, каде што директно ги презентирал македонските позиции. Тој посочи дека и за време на денешната средба со словачкиот колега Јурај Бланар, деблокадата била една од главните теми, со оглед на тоа што сите одлуки поврзани со проширувањето и интеграцијата носат исклучителна тежина и бараат целосен консензус во Брисел.

„Дијалог има и ќе продолжиме да воспоставуваме дијалог. Тој е билатерален со Бугарија, но вклучува наша активна комуникација со претставниците на земјите членки на ЕУ. За сите одлуки поврзани со нашата интеграција е потребен консензус, што значи дека за било какво решение за коешто работиме со Софија, неопходна е поддршка и консензус од сите земји членки на Унијата“, рече Муцунски.

Според него, европскиот пат на земјава нема алтернатива и Владата ќе продолжи да работи на ова прашање. Во моментов, како што посочи,не е планирана средба со бугарската колешка Петрова-Чамова, но во декември ќе има повеќе можности за разговори во рамките на меѓународните состаноци, посочувајќи на министерските состаноци на НАТО и ОБСЕ, каде, како што рече, би можел да се сретне со Чамова и отворено да разговараат за евроинтеграциите и за прашањата што ја загрижуваат македонската страна.

 
„Да почекаме да завршат изборите во Бугарија, а потоа ќе продолжиме“, рече Муцунски.
 
Во однос на понудата на францускиот амбасадор во земјава, Кристоф Ле Риголер, искажана во интервју за емисијата „Европат“, дека Франција е подготвена да помогне во олеснувањето на дијалогот меѓу Скопје и Софија, според услови и модалитети што ќе ги договорат двете страни, Муцунски посочи дека пораките што доаѓаат од ЕУ се резултат на тоа што европските партнери препознаваат влада посветена на европските интеграции.
 
„Ќе продолжиме да одржуваме комуникација со сите партнери и ќе ја прифатиме секоја помош и поддршка што може да придонесе за постигнување рационално и одржливо решение. Целта не е привремено надминување на проблемот, туку долгорочен договор што нема повторно да ја доведе земјава во сегашната ситуација. Ако нема дијалог, нема да постигнеме какво било решение, без разлика дали станува збор за краток, среден или долг рок“, рече Муцунски.(С.Ј.)