УЕФА повторно ја казни Црвена ѕвезда


Нион – Европската фудбалска федерација (УЕФА) ја казни денеска белградска Црвена ѕвезда за расистичко и дискриминаторско однесување на нејзините навивачи, користење пиротехнички средства и истакнување несоодветни пораки за време на натпреварот од Конференциската лига против Копенхаген, што се одигра во Белград на 22 октомври и заврши нерешено 2-2.
Српскиот шампион е казнет со 83.500 евра, а дел од северната трибина ќе биде затворен за следниот домашен натпревар во европските натпреварувања, кога на 5 ноември на стадионот „Рајко Митиќ“ ќе го пречекаат андорскиот клуб Интер Клуб д’Ескалдес.
УЕФА веќе неколку пати ја казни Црвена Звезда оваа година за инциденти во кои беа вклучени нејзините навивачи. Во септември српскиот клуб беше казнет со 98.250 евра по инцидентите на натпреварот против Викторија Плзен, а во март беше казнет со уште 95.500 евра за инциденти за време на натпреварот против Лил.