„Аксиос“: Нетанјаху бара од Трамп поголема јавна поддршка пред изборите во Израел
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, изминатите денови побарал од американскиот претседател Доналд Трамп јавно да му даде поголема поддршка во пресрет на претстојните избори, објави денеска порталот „Аксиос“, повикувајќи се на извори од САД и Израел.
Извор од САД за политичкиот портал изјавил дека Белата куќа го гледа агресивното лобирање на Нетанјаху како „знак на очај“ и показател дека израелскиот лидер смета оти заостанува зад своите противници.
Портпаролката на партијата Ликуд на Нетанјаху, Нета Молчо, ги демантираше тврдењата дека премиерот побарал од Трамп поддршка за својата кампања „во последните денови или пред неговата изјава за поддршка“.
Белата куќа не одговорила на барањето за коментар, објави „Аксиос“.
Пред две недели Трамп изјави дека „луѓе од Израел го замолиле да се вклучи“ и да му даде поддршка на Нетанјаху.
Според извор од САД, Нетанјаху разговарал со Трамп двапати во последните три дена и побарал од него дополнително да ја истакне поддршката што минатата недела веќе му ја изразил во објава на социјалната мрежа „Трут Соушл“.