Олигарх обвинет за перење пари е потписник на договорот на Трамп со Венецуела

На компанијата на Бетанкур ѝ се забранува да го обелодени „постоењето и условите“ на договорот со владата на САД


Кон крајот на август, претседателот Доналд Трамп објави нешто што го нарече „најголемиот нафтен договор во светската историја“. Оттогаш, целосниот текст на договорот – со кој на САД им се овозможува широк пристап до нафтените резерви на Венецуела – е една од најбараните тајни во Вашингтон.

ProPublica имаше увид во примерок од договорот за стратешко партнерство, долг 18 страници, кој во име на Соединетите Држави го потпишаа државниот секретар Марко Рубио и секретарот за одбрана Пит Хегсет. Документот открива внимателно осмислени услови кои во секој поглед им одат во прилог на интересите на САД и ја зацврстуваат моќта на мала група луѓе, лично избрани од администрацијата на Трамп, кои ќе управуваат со договорот и ќе остваруваат профит од него. Улогата на владата на Венецуела, како и потенцијалните придобивки за нејзиниот народ, речиси целосно изостануваат во текстот.

Еден од аспектите на најавата на Трамп што наиде на најголеми критики е изборот на партнер: Алехандро Бетанкур, венецуелски олигарх кој често патува низ светот и против кого се воделе истраги за перење пари во три различни земји. Администрацијата на Трамп презема удел од 35 % во фирмата на Бетанкур, „North American Blue Energy Partners“, преку стекнување акции во матична компанија регистрирана на Барбадос. Документот за договорот содржи малку информации за сопствениците и инвеститорите кои стојат зад матичната компанија, а кои би можеле да стекнат огромно богатство од овој аранжман.

Договорот, исто така, ја зацврстува позицијата на Бетанкур како главен извршен директор на NABEP и предвидува дека владата на САД ќе соработува со матичната компанија за да назначи моќен управен одбор од седум члена, кој ќе управува со потфатот во почетен период од 15 години. Според лица запознаени со процесот на создавање на договорот, овие одредби се осмислени со цел да ги спречат идните лидери на САД и Венецуела да го растурат претпријатието.

Орландо Алварадо – име кое администрацијата на Трамп не го обелодени како учесник во договорот – го потпишал документот во име на матичната компанија, заедно со Бетанкур, Хегсет и Рубио. Алварадо извршувал високи функции во повеќе компании на Бетанкур, вклучително и како главен финансиски директор во една енергетска фирма која пред една деценија беше вмешана во скандали. Според весникот „Мајами хералд“ (Miami Herald), федералните обвинители го идентификувале Алварадо како соучесник во шема за проневера на средства од националната нафтена компанија на Венецуела, иако против него не е покренато обвинение.

Портпаролот на NABEP, Тери Вејд, изјави дека „ниту  Бетанкур, ниту  Алварадо некогаш биле обвинети за какво било кривично дело во која било земја, а сите тврдења против нив се неосновани“.

Клучните аспекти на планот се разликуваат од јавните изјави на администрацијата на Трамп. Трамп изјави дека договорот ќе ја осигура енергетската доминација на Америка во текот на следниот век. Сепак, текстот укажува на тоа дека правата на САД за откуп истекуваат за половина од тој период, а основните оперативни права, се чини, се во спротивност со законите на Венецуела, кои ги ограничуваат нафтените концесии на 25 години.

Договорот, сепак, им обезбедува на Соединетите Држави значителен попуст во однос на пазарната вредност за 20% од нафтата на NABEP, како што наведе Трамп. Сепак, договорот не гарантира експлицитно дека компанијата на Бетанкур е обврзана да ѝ исплати на Венецуела околу 200 милијарди долари – сума што, според Белата куќа, би претставувала придобивка за земјата – врз основа на надоместоци и даночни плаќања.Исто така, постојат и значајни ограничувања во врска со главниот аргумент што Трамп им го претстави на Американците – дека договорот ќе овозможи огромен прилив на евтина нафта.

Според еден од трите придружни документи што ги разгледа „ProPublica“, договорот им дава право на САД да купат 20% од нафтата на NABEP по намалена цена од 30 долари за барел, што е помалку од една третина од цената по која се продаваше нафтата во последните месеци.

Но, оваа цена не ги вклучува трошоците за транспорт на нафтата надвор од Венецуела. Голем дел од суровата нафта во Венецуела е толку густа што не може да тече низ цевководите доколку претходно не се измеша со најмалку 20% материи за разредување. Според договорот, потенцијално високите трошоци за увоз на милиони барели од овие материи за разредување не се вклучени во цената.

Белата куќа, Стејт департментот, Пентагон и енергетската компанија NABEP застанаа во одбрана на договорот, наведувајќи во своите изјави дека ова ново јавно-приватно партнерство ќе донесе значајни и трајни економски придобивки за двете земји – придобивки што не можат целосно да се опфатат во еден правен документ.

„Овој историски договор претставува голем чекор кон стабилизирање на економијата на Венецуела по години хиперинфлација и речиси целосен недостиг на нови инвестиции, а истовремено ги зголемува нафтените резерви на САД за повеќе од двојно“, изјави портпаролката на Белата куќа, Тејлор Роџерс.

Вејд нагласи дека NABEP е избрана поради нејзините досегашни резултати во зголемувањето на производството на нафта во Венецуела во текот на последните години, како и дека договорот е склучен помеѓу компанијата и владата на САД, а не со Венецуела.

„Благодарение, во голема мера, на овој договор“, рече Вејд, „доаѓа до пораст на довербата во иднината на нафтената индустрија во Венецуела, што резултира со значителни нови инвестиции во земјата.“ Тој додаде дека голем дел од нафтата на NABEP доаѓа од нафтени полиња за кои се потребни малку или воопшто не се потребни материјали за мешање, па затоа трошоците за мешање не би имале значително влијание врз цената на производство. „Економската исплатливост на нашето производство по барел е одлична.“

Сепак, новооткриените детали од договорот веројатно ќе покренат дополнителни прашања: дали овој невообичаени сојуз помеѓу Соединетите Држави и еден странски енергетски магнат може да донесе трајни придобивки за која било од двете земји – и кои приватни субјекти би можеле да профитираат од тоа? Според поранешни американски дипломати и службеници во Конгресот, нафтениот договор на Трамп веројатно ќе биде предмет на испитување и во САД и во Венецуела, особено доколку Демократите освојат едно или двете законодавни тела на среднорочните избори.

„Првото прашање во новиот состав на американскиот Конгрес ќе биде: Зошто Бетанкур?“ – изјави во интервју поранешниот амбасадор Џејмс Стори, кој од 2018 до 2023 година беше највисок американски дипломат во Каракас. „Зошто токму тој го доби овој договор? И дали бил вмешан во криминални активности? Се чини оправдано да се одржи конгресно сослушување за овие прашања.“

Во своите јавни изјави, Делси Родригез – која ја доби поддршката од администрацијата на Трамп да служи како привремен претседател на Венецуела – го нарече договорот „историски“. Таа тврди дека Венецуела ќе го задржи суверенитетот над своите природни ресурси и го бранеше изборот на Бетанкур.

Лица запознаени со процесот на носење одлуки зад затворени врати во администрацијата на Трамп, како и со преговорите со Бетанкур, дадоа изјави за „ProPublica“ под услов да останат анонимни, бидејќи или немале овластување за такво нешто, или стравувале од одмазда.

Една од причините зошто прецизните услови на договорот досега останаа скриени е тоа што потпишаниот документ е означен како „чувствителен“ владин документ. Оваа класификација вообичаено се користи за да се спречи јавното објавување на различни федерални документи, вклучително и оние што содржат лични податоци, детали за тековни операции на органите на прогонот, како и материјали заштитени со адвокатска доверливост. Документот исто така содржи клаузула за доверливост, со која на компанијата на Бетанкур ѝ се забранува да го обелодени „постоењето и условите“ на договорот со владата на САД.

Лице запознаено со разговорите изјави дека луѓето блиски до администрацијата на Трамп биле заинтересирани за соработка со компанијата на Бетанкур, поради приватноста и флексибилноста што таа ги нудела. Се чини дека тоа ѝ дало предност на NABEP во однос на нафтените компании кои котираат на берза, а кои би имале обврска да поднесуваат извештаи до акционерите.

„На пример“, рече лицето, „Chevron не би можел да му даде 35% од своите акции на Пентагон“.

Нафтениот договор е чувствително прашање, делумно поради очекуваниот отпор во Венецуела, каде што критичарите веќе го опишаа како американско преземање на драгоцените природни ресурси на земјата. Анализата на „ProPublica“ покажува дека условите во договорот речиси целосно им одат во прилог на американските интереси и имаат за цел трајно да го зачуваат влијанието на администрацијата на Трамп.

Во документот се наведува дека мнозинството од седумчлениот одбор мора во секое време да бидат државјани на САД, а американската влада може да назначи еден „набљудувач без право на глас“ кој ќе се приклучи на групата. Бетанкур, кој ќе ја извршува функцијата главен извршен директор, е единствениот член на одборот кој е конкретно именуван во договорот. Почетниот состав на одборот ќе ја утврди постапката за избор на нови членови.

„Во текот на развојот на договорот, беше јасно дека управувачката структура е осмислена така што ќе обезбеди максимална контрола за оние што го склучуваат договорот, истовремено заштитувајќи ги од идни администрации кои би можеле да се обидат да го поништат договорот или да ја доведат во прашање неговата важност“, изјави лице запознаено со преговорите. Не постои услов за учество на која било венецуелска влада во одборот.

Договорот, исто така, обезбедува долгорочна заштита за Бетанкур и за неименувани инвеститори. За отповикување на Бетанкур од функцијата главен извршен директор, промена на составот на одборот или склучување трансакции со акционер (кој не е американската влада, индиректен сопственик на капитал, директор, поврзано лице или член на „потесното семејство“), потребно е квалификувано мнозинство од пет гласа.

Според документот, одборот ќе ја одредува висината на надоместокот за Бетанкур во неговата улога на главен извршен директор. Како што е поставен, договорот не предвидува јавно обелоденување на информациите за платите или за распределбата на акциите на раководните лица.

Во договорот не е наведено кои акционери, поврзани лица или членови на семејството добиле одобрение за деловни трансакции со компанијата на Бетанкур. Според корпоративното право на Барбадос, речиси и да не постои механизам со кој би можел да наложи јавно откривање на овие интереси.

Сепак, договорот ја обврзува компанијата да спроведува „контроли за спречување перење пари“, да се подложува на надворешни ревизии и инспекции на документацијата од страна на американската влада, како и да ѝ доставува на американската влада годишен буџет и квартални финансиски извештаи (кои не се предмет на ревизија). Нејасно е дали овие извештаи некогаш ќе бидат достапни за јавноста. Може да помине одредено време пред компанијата да произведе доволно нафта за да задоволи значителен дел од побарувачката во САД. Компанијата на Бетанкур моментално произведува околу 200.000 барели дневно – што на годишно ниво изнесува приближно колку што САД трошат за три дена. Според неодамнешните извештаи, NABEP има за цел да го зголеми производството на 500.000 барели дневно до крајот на 2028 година.

Покрај тоа што обезбедија попуст за 20% од нафтата на NABEP, САД имаат и „првенствено право“ на купување на целото преостанато производство на нафта на компанијата во следните 50 години, вклучително и неотповикливо право да ги откупат сите залихи на нафта доколку САД прогласат национална вонредна состојба.

САД, исто така, добиваат статус на „најпривилегирана нација“, што ја обврзува фирмата на Бетанкур да ги обелодени сите други деловни договори што ќе ги склучи, а доколку тие се поволни, да му ги понуди истите услови и на Вашингтон.

Едно лице кое имало увид во делови од договорот изразило изненадување од конкретните придобивки за САД, во споредба со отсуството на обврзувачки заложби кон Венецуела: „Ти дадов 20% од моето производство по цена ’трошоци плус маржа‘ – во ред. Ти го дадов целото мое производство во случај на национална вонредна состојба – во ред… Но, што добивам јас за возврат?“

Американски функционер изјави дека Родригез ѝ доделила на NABEP концесии за нафта во траење од 100 години за работа таму, иако оваа бројка не се спомнува во договорот и се чини дека е во спротивност со законите на Венецуела.

Во случај на спор, Венецуела не може да го оспори договорот пред сопствените судови. Договорот предвидува дека секој конфликт помеѓу компанијата и САД мора да се решава според законите на САД, а не според законите на Венецуела. Двете страни дури прецизирале дека секој граѓански спор или арбитража мора да се води пред Окружниот суд на САД за Северниот округ на Тексас – место каде што Министерството за правда од времето на Трамп постојано се обраќало за добивање поволни пресуди.

Во договорот се наведува дека таму каде што не се применуваат федералните закони на САД, важат законите на сојузната држава Тексас. Една канцеларија во Пентагон е задолжена во иднина да ја спроведе финансиската трансакција со која ќе се валоризира уделот од 35% што Владата на САД го поседува во овој потфат. Од документот произлегува дека САД нема да платат ништо однапред, туку планираат да го стекнат својот удел во компанијата на Бетанкур преку плаќање од 0,01 долар за секоја акција опфатена со варантите. Важењето на овие услови истекува на 75-годишнината од датумот на склучување на договорот. (ПроПублика)