„Чиста ароганција“: Гнев во Финска бидејќи „Гугл“ илегално исече 250.000 дрвја за дата центар


Зад жичената ограда зјае огромна дупка во земјата. Пред доаѓањето на „Гугл“ пред неколку месеци, околу четвртина милион дрвја растеа на 330 хектари шума во близина на градот Мухос, во руралниот дел на северна Финска. Сега ги нема.

Како што пишува британскиот дневен весник Гардијан (The Guardian), откако оваа технолошка компанија, кршејќи го законот, целосно ја соголи целата област за да изгради центар за податоци – отстранувајќи го дури и горниот слој плодна земја – остана само огромна површина од кал, испресечена од шините на тешката механизација, исполнета со езерца и купишта земја, корења и гранки.

Жителите наведуваат дека кафеавата вода што тече од локацијата стигнува до потокот што се влева во реката Оулујоки.

„Нема крај. Само продолжува и продолжува“, вели Мари Анала, екологист од „Финското здружение за заштита на природата“ (SLL), набљудувајќи снимки од дрон од поранешната шума од работ на локацијата.

Со 145 нови центри за податоци во различни фази на планирање, Финска се наоѓа во центарот на најновиот бран на експанзија на технолошки компании. Покрај релативната геополитичка и геолошка стабилност, како и големата површина на достапно земјиште, студената клима ја прави оваа земја особено привлечна, бидејќи овозможува заштеда на трошоците за енергија.

Порано овој месец, Финскиот орган за лиценцирање и надзор (LVV) му наложи на „Гугл“ привремено да ја прекине работата во Мухос, како и на друга локација околу 100 км југоисточно, во селото Отанмеки.

Причината е што компанијата не ги спроведе потребните проценки на влијанието врз животната средина пред целосно да го исчисти земјиштето. Оваа вест предизвика бурна реакција на јавноста и започна национална дебата за тоа каква улога – ако воопшто – треба да игра Финска во глобалната трка за изградба на центри за податоци, неопходни за следење на забрзаниот развој на вештачката интелигенција.

Минатата недела, директорот на „Гугл“ за Финска, Анти Јарвинен, се извини за уништувањето на шумите, но рече дека компанијата постапила „во согласност со своето најдобро разбирање на законот во тоа време“.

Мухос и Отанмеки се дел од инфраструктурниот проект за вештачка интелигенција, вреден 13 милијарди евра, имплементиран од „Гугл“. Овој проект беше критикуван од Доналд Трамп, кој би претпочитал овие центри да бидат изградени во САД, и јавно ја повика компанијата да ја преиспита својата одлука. Тоа е најголемиот проект од ваков вид досега во оваа нордиска земја.

Финската влада, која спроведе значително намалување на јавните трошоци, ја поддржа оваа инвестиција. Минатиот месец, кога беа објавени плановите на „Гугл“, финскиот премиер Петери Орпо рече дека привлекувањето инвестиции е „врвен приоритет“ и дека „вредноста на економијата базирана на податоци оди многу подалеку од директните инвестиции“. Тој изјави дека договорот со „Гугл“ ќе „донесе долгорочни придобивки за двете страни“.

Сепак, сознанието за несоодветното однесување на „Гугл“ предизвика јавна загриженост: што значат овие договори за локалните заедници, цените на енергијата за финските домаќинства, како и за природната средина на Финска, што е извор на национална гордост. Прашањето за изградба на центри за податоци би можело да стане една од клучните теми на изборите што се одржуваат во Финска во април.

Се проценува дека се исечени уште 150.000 дрвја

Покрај 250.000 исечени дрвја во Мухос, Анале проценува дека во Отанмеки се исечени уште 150.000 дрвја. Бидејќи дрвјата се исечени нелегално, таа истакнува дека дрвото од овие две локации не може да се продаде на фабрики за преработка на дрво.

Овој случај, исто така, го покрена прашањето зошто финските обновливи извори на енергија се користат за напојување на меѓународните корпорации.

Повеќе од 93.000 луѓе потпишаа петиција со која се бара построга регулација на центрите за податоци, како и воведување надомест за компензација на локалните заедници за штетите врз животната средина. По избувнувањето на скандалот, Орпо ги опиша настаните во Мухос како „студен туш“.

Хана Халменпе, претседателка на управниот одбор на организацијата SLL, рече дека не можела да поверува кога дознала дека „Гугл“ го прекршил законот. „На почетокот не можев да поверувам“, рече таа. „Никогаш не сум слушнала за компанија во Финска што прави нешто вакво“. Таа изјави дека системот во голема мера се базира на доверба, која „Гугл“, според неа, ја злоупотребил.

„Тие купија огромна површина земја и едноставно почнаа да сечат дрвја – едноставно така. Тоа е чиста ароганција, едноставно неверојатна“, рече таа.

Додаде дека брзината со која се одвиваа настаните ја шокираше целата земја.

„Многу луѓе само ги следат вестите и се прашуваат едни со други: „Што се случува сега? Што можеме да направиме во врска со тоа? И дали навистина мора да ги прифатиме сите овие проекти за изградба на центри за податоци во Финска“, верува Хана?

Јуси Кангашарју, раководител на одделот за компјутерски науки на Универзитетот во Хелсинки, рече дека иако центрите за податоци носат одреден број работни места и потенцијално ја поттикнуваат локалната економија, нивната корист на национално ниво е занемарлива.

„Всушност, нема никаква корист за Финска. Тоа се меѓународни компании кои обезбедуваат услуги за меѓународни клиенти. Многу мал дел од данокот на добивка завршува во Финска. Впрочем, центрите за податоци носат многу мала корист за никого освен за самиот оператор на центарот за податоци”, објаснува Јуси Кангашарју.

Со оглед на тоа што законската регулатива сè уште заостанува, постои голема брзање да се отпочнат проектите што поскоро.

Некои предлагаат формирање на централно тело кое ќе ги координира проектите за изградба на центри за податоци, наместо донесувањето одлуки во голема мера да им се остави на општините, кои најверојатно ќе им дадат приоритет на тековните потреби на нивната локална средина.

Во Мухош и Отанмеки има луѓе кои ги поддржуваат овие проекти, како и работните места и даноците на земјиште што ќе ги донесат во локалната заедница. Сепак, многумина сметаат дека општините ги оштетиле.

„Тоа е направено на погрешен начин, американски стил“

Анти Јаконен, жител на Мухош, вели дека иако исечените дрвја сочинуваат само мал дел од вкупните шумски површини во Финска, тој има замерки за начинот на сечата.

„Тоа беше направено на погрешен начин. американски стил. Без никаква смисла. Апсолутно без смисла“, рече тој.

Овој поранешен претприемач и рибар смета дека „Гугл“ треба да обезбеди компензација помагајќи да се врати локалната популација на лосос, која беше уништена пред неколку децении со изградбата на хидроцентрали.

Во Отанмеки многу силно се чувствуваат последиците по природата и секојдневниот живот на мештаните. Кога биле исечени дрвјата, волците што живееле таму дошле во селото, вели педесет и тригодишната Ани Ранта, чие семејство живее таму со генерации.

Оваа област, некогаш рударска населба, е позната по депозитите на ретки земјени елементи. Семејството Ранта живее во центарот на селото, покрај триаголната црковна камбанарија и поранешен ресторан кој со години е празен. Некогаш околу селото на километри се протегала мирна шума. Сега, пак, може да се слушне вревата од градежните работи кои се изведуваат на место каде шумата е целосно расчистена за потребите на компанијата „Гугл“.

„Волците дојдоа во селото затоа што сите диви животни ја напуштија шумата. Побегнаа. Кога станува збор за центрите за податоци, ме загрижува и бучавата, бидејќи земјата овде е карпеста. Звучи како тапан“, вели Ранта.

„Не сакам „Гугл“ тука“

Таа толку се противи на доаѓањето на „Гугл“ што размислува да го напушти селото. Таа, исто така, стравува дека центарот за податоци може да го направи селото цел на Русија, со која Финска дели долга граница.

“Не сакам „Гугл“ тука. Воопшто не ги сакам во Финска. Не ми се допаѓа целата приказна за вештачката интелигенција и промените во светот, како и начинот на кој се случуваат овие промени. Сè се случува пребрзо, прерано”, смета Ранта.

Нејзиниот татко, Пенти Корхонен, пензиониран водич во дивината, рече дека по уништувањето на шумата, водата во потокот станала кафена.

„Во Финска воопшто нема потреба од центри за податоци. Апсолутно нема потреба од нив“, рече тој.

Веса Хирилејнен, претседателка на локалниот огранок на организацијата SLL (Финско здружение за заштита на природата), изјави дека клукајдрвците со три прсти, кои се гнезделе во таа шума, биле принудени да заминат.

„Сите ние кои се занимаваме со заштита на природата сме многу загрижени за политичката ситуација и политиката во Финска“, вели овој биолог и експерт за рибари (вид на орел). “Се прашувам зошто мораме да жртвуваме толку многу од нашата природа. Тие даваат сè премногу лесно”, предупредува Хирилејнен за Гардијан.

Сепак, додаде дека разбира зошто властите се обидуваат да привлечат нови инвестиции и да отворат работни места, со оглед на тоа што населението во тој регион старее.

„Младите одат во Хелсинки, Берлин и Париз. Овде останаа толку малку луѓе. Мораме да се жртвуваме“, рече тој.

Вели-Мати Уски, генерален директор во Министерството за животна средина, изјави дека Владата „го следи општиот развој на секторот за центри за податоци, како и примената на законските прописи и е подготвена доколку има потреба да предложи измени на законот“.

Од компанијата „Гугл“ наведуваат дека се работи на заштита на квалитетот на водата на локацијата Мухош, како и дека се планира засадување дрвца на површина од 130 хектари. Заштитниците на природата веруваат дека оваа бројка е премала за да има вистинско влијание, особено во споредба со штетите предизвикани од сечењето на шумите.

Портпаролот на компанијата рече:

„Ние работиме во Финска веќе 15 години и секогаш се трудевме да ги исполниме, па дури и да ги надминеме барањата во врска со просторното планирање, заштитата на животната средина, како и здравјето и безбедноста. Откако ги добивме писмата од организацијата LVV, ги прекинавме подготвителните работи на локациите Мухош и Кајани каде што се наоѓа локацијата Отанмеки и ја информиравме официјалната реакција на LVV со целосните барања на LVV за ова. Со нетрпение очекуваме да продолжиме со активниот и отворен дијалог со сите надлежни органи, со цел да го зајакнеме нашето партнерство со Финска и локалните организации“, велат од „Гугл“, пишува Гардијан.