Жената заразена со ебола во Нигерија е сопруга на швајцарски дипломат, нејзиниот сопруг е во изолација


Жената на која ѝ беше дијагностицирана ебола оваа недела во Нигерија е сопруга на швајцарски дипломат стациониран во Абуџа. Швајцарското Министерство за надворешни работи потврди за Ројтерс дека таа е швајцарска државјанка родена во Уганда.
Нигерија го пријави својот прв случај на ебола по повеќе од една деценија во вторник.

Според соопштението од швајцарското Министерство, жената најверојатно ја добила инфекцијата за време на патувањето во Уганда пред околу две недели.

Таа ги лекувала симптомите околу една недела во приватна клиника во Абуџа.

„Нејзиниот сопруг е во изолација и нема симптоми. Тој патувал со сопругата во времето кога се верува дека таа се заразила“, се вели во соопштението.

Министерството за здравство на Уганда тврди дека пред дијагнозата, жената престојувала и во соседната Демократска Република Конго, каде што епидемијата избувна во мај.

Швајцарското министерство го негираше ова во петокот. „Таа и нејзиниот сопруг не патувале во ДР Конго“, рекоа тие.

И Светската здравствена организација (СЗО) објави дека податоците што ги добила не вклучуваат патување во Конго. Според овие податоци, жената била во Уганда од 16 септември и се вратила во Абуџа на 3 октомври. СЗО вели дека таа сè уште е во болница, но дека нејзината состојба се подобрува.

Во мај и јуни, Уганда имаше 20 случаи на ебола, претежно увезени од Конго, а СЗО ја прогласи за слободна од болеста во август.

Реткиот сој на вирус што ја предизвика оваа епидемија убива околу половина од заразените, а за него нема одобрен лек или вакцина.