Товарен брод потона во Црното Море кај Констанца по сомнителен напад со дрон; еден морнар е загинат
Тoварен брод потона во Црното Море по сомнителен напад со беспилотно летало на 13 наутички милји од брегот на романскиот град Констанца, јавија романските медиуми додавајќи дека во моменто се водат спасувачки операции. Екипажот испратил сигнал за помош (SOS) и романските власти интервенирале за да ги спасат морнарите.
На бродот имало 13 лица, од кои девет биле спасени, тројца се водат како исчезнати, а еден го загубил животот. Инцидентот следува по серија напади врз трговски бродови во регионот во изминатите недели и се случува само еден ден по состанокот на Врховниот совет за национална одбрана на Романија, објавија локалните медиуми.
„Во Црното Море во тек е голема операција за спасување. Денеска, околу 10:00 часот (локално време), Центарот за поморска координација на Романската поморска администрација добил сигнал за помош од бродот „Хорив“. Бродот бил на 13 наутички милји од брегот на Констанца. На бродот имало екипаж од 13 лица: 10 украински државјани и тројца азербејџански државјани“, објавија претставници на Романската поморска администрација.
Тие прецизираа дека по приемот на сигналот за помош, на местото на настанот се испратени бродови на Романската агенција за спасување на човечки животи на море и на Министерството за внатрешни работи.
„Поради лошите временски услови и слабата видливост, спроведувањето на воздушна спасувачка операција со хеликоптер е невозможна. Досега, спасувачките екипи успеаја да извлечат девет преживеани и едно тело од водата“, додаде цитираниот извор.
Спасувачките екипи ја продолжуваат операцијата за пребарување за да ги лоцираат и спасат преостанатите тројца членови на екипажот.
Според моментално достапните информации, станува збор за комерцијален брод што плови под знамето на Коморските Острови.
Во изминатите две недели, најмалку седум товарни бродови беа погодени во близина на бреговите на членките на НАТО, Романија и Бугарија, при што околу 30 морнари се водат како загинати или исчезнати. Во саботата, пилоти на романски борбени авиони Ф-16 соборија два руски дрона од најновата генерација над романските територијални води.
Европскиот парламент ја повика ЕУ да разгледа можност за распоредување поморска операција во Црното Море. Пратениците во Европскиот парламент, исто така, побараа зголемена поддршка за Романија и Бугарија во нивните напори за откривање непријателски беспилотни летала, како и за мерки за заштита на поморскиот транспорт и критичната инфраструктура.