Почина хрватскиот режисер и аниматор Борис Колар, еден од авторите на „Професорот Балтазар“


Во средата во Загреб, на 94-годишна возраст, почина Борис Колар, режисер, аниматор, сценарист и еден од клучните автори на серијата „Професор Балтазар“.
Здружението Професор Балтазар, компанијата Професор Балтазар д.о.о. и загрепската филмска институција во заедничкото соопштение порачаа дека со неговото заминување хрватската култура остана без исклучителен уметник, а генерациите што израснаа со „Професорот Балтазар“ без еден од креаторите на светот на имагинацијата, добрината и човечката генијалност.

Борис Колар припаѓаше на генерацијата уметнички визионери кои му обезбедија на хрватскиот анимиран филм истакнато место во светската кинематографија. Кариерата во анимација ја започнал во 1952 година. Од самиот почеток покажа исклучителни цртачки вештини, инвентивност и храброст во уметничкото истражување, а со своите оригинални дела ги помести границите на филмскиот израз.

 

Неговите филмови „Бумеранг“ од 1962 година и „Вау-леле“ од 1964 година се вклучени во антологијата на хрватската анимација. За нив доби признанија и награди на меѓународни фестивали. Во 2024 година му беше доделена наградата за животно дело Златен Октавијан за неговиот исклучителен придонес во филмската уметност.

„Професорот Балтазар“ зазема посебно место во богатиот опус на Колар. Тој беше еден од клучните креатори на серијата и заедно со другите великани на загрепската школа го обликуваше светот каде проблемите се решаваат со знаење и имагинација, а различностите се прифаќаат со разбирање и добрина.

Поврзаноста на Колар со Балтазар не завршила ниту во подоцнежните години. Тој продолжи да работи на нови проекти, меѓу кои „Трета Августска среќа“, „Доблести од длабочините“ и „Откритието на Хектор“.

Колар беше вљубеник во Загреб, неговата историја и народ. Како раскажувач, тој го наоѓаше необичното во навидум обичните настани. Во својата автобиографска книга „Сеќавања и мисли на еден Загрепчанец“ остави вредно сведоштво за времето, луѓето и сопствениот живот.