„Галија“ одбележува 50 години со јубилеен концерт на 28 декември во Филхармонија
Скопје ќе биде дел од големото јубилејно патување на еден од најзначајните рок-бендови на овие простори, бенд чија музика одамна ги надмина границите на времето, трендовите и генерациите.
„Галија – 50 години со вас“ е враќање низ пет децении музичка историја, низ песни со кои се растеше, се сакаше, се славеше и се паметеа некои од најважните моменти. Песни кои и денес се пеат со истата емоција и кои создадоа посебна врска меѓу Галија и нејзината публика.
На 28 декември, сцената на Македонската филхармонија ќе биде место каде минатото и сегашноста ќе се сретнат во една вечер. Публиката ќе има можност повторно во живо да ги слушне песните кои ја обележаа богатата кариера на бендот, но и да биде дел од прославата на јубилеј што ретко кој музички состав може да го достигне – половина век на сцената.
Во текот на своето долгогодишно постоење, Галија изгради препознатлив музички идентитет и остави силен белег на рок-сцената во регионот. Нивната музика остана присутна низ различни времиња и генерации, а токму јубилејната турнеја е посветена на сите оние кои во изминатите 50 години биле дел од таа приказна.
Затоа и името на концертот е едноставно и искрено – „50 години со вас“.
Билетите се достапни преку продажната мрежа на kupikarta.com, како и на физичките продажни места: Розе Веро 2, JK Травел Бисер и JK Tравел Дајмонд.