Поразителен извештај: Во судовите нема ни судии ни службеници

Во целата судска власт лани не било одобрено ниту едно ново редовно вработување во стручните служби


Фото: Б. Грданоски

 

Додека судството е постојано на тапет од политичарите тоа нема када да ги завршува неопходните задачи. Според годишниот извештај на Судскиот совет за 2025 година има само 65,41 отсто пополнети судиски места и минимални 37,95 отсто од потребната судска администрација.

Годишниот извештај на Судскиот совет, доставен до Собранието во април 2026 година, покажува дека повеќе од половината од судовите во државата се неажурни. Додека граѓаните со месеци чекаат пресуди и рочишта, во целата судска власт лани не било одобрено ниту едно ново редовно вработување во стручните служби.

Судовите низ државата во 2025 година имале вкупно 674.851 предмет во работа, од кои решиле 540.241, а нерешени останале 134.610 предмети. На хартија, вкупниот заостаток на национално ниво е намален за симболични 119 предмети. Но прегледот по одделни институции покажува сериозен застој таму каде што граѓаните најчесто бараат заштита на своите права.

Од вкупно 34 судови, дури 18 добиле оценка дека се неажурни бидејќи го зголемиле бројот на нерешени случаи. На листата на неажурни се најдоа Врховниот суд, Управниот и Вишиот управен суд, апелационите судови во Скопје и во Битола, како и Основниот граѓански суд Скопје. Во Вишиот управен суд просечното време за решавање на еден предмет изнесува 325 дена, во Управниот суд 279 дена, а во Основниот граѓански суд Скопје 271 ден. За граѓаните тоа значи речиси цела година чекање за работни спорови, имотни прашања или управни жалби против државни органи. Меѓу неажурните се и основните судови во Битола, Прилеп, Охрид, Струга и во Тетово.

Од друга страна, 16 судови успеале да го намалат заостатокот и се оценети како ажурни. Најголемо намалување на старите предмети има во Основниот кривичен суд Скопје со 3.565 предмети помалку и во Основниот суд Куманово, кој го скратил заостатокот за 2.879 предмети.

Зад спорите судски постапки стои хроничен недостиг на луѓе. Од систематизираните 639 судиски места во државата, на 31 декември 2025 година биле активни 418 судии. Судскиот совет во текот на годината избрал 68 нови судии во основните судови од осмата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители, како и 17 судии во повисоките судови. Дополнително, 29 судии ја искористиле законската можност да продолжат со работа по навршувањето на 64 години старост, додека шестмина заминале во пензија. И покрај тоа, Советот утврдил дека во основните судови итно се потребни уште 163 судии, од кои по 16 фалат во скопскиот Кривичен и во Граѓанскиот суд.

Уште потешка е сликата кај судската администрација. По систематизација во судовите се предвидени 4.751 работно место за судската служба, но пополнети се само 1.803 места. Вкупниот број на вработени во целата судска власт за една година паднал од 2.480 на 2.281 лице.

Иако бројот на судии лани се зголемил за 68 нови кадри, за нив немало кој да води записници и да ја обработува документацијата. Судскиот буџетски совет трипати доставувал Единствен годишен план за вработување до Министерството за финансии, дури и по директно усогласување со министерот за 239 неопходни места, но сите барања добиле негативно мислење. Во целата 2025 година во судската власт не било реализирано ниту едно ново вработување или унапредување по редовен пат, освен десет преземања на веќе вработени лица од други државни институции, главно во судската полиција.

Поради ниските плати и преоптовареноста, судовите постојано остануваат без информатичари, што директно го загрозува одржувањето на компјутерскиот систем во Врховниот суд и во скопските судови. Во пет судови, меѓу кои и во Врховниот суд и апелационите судови во Битола и Гостивар, не е пополнето ниту местото судски администратор. Недостигаат стручни соработници, дактилографи, доставувачи, преведувачи, лектори и технички лица за снимање на рочиштата. Самиот Судски совет работи со 27 наместо со предвидените 50 административци и сè уште нема портпарол поради недостиг на пари.

Во делот на контролата и одговорноста, до Судскиот совет во 2025 година стигнале 90 нови барања за утврдување одговорност кои опфатиле вкупно 161 судија. Комисиите на известители отфрлиле 64 барања како ненавремени, нецелосни или неосновани, за 15 барања Советот ја запрел постапката, а за 11 предмети постапката продолжува.

Во извештајот се нотира и дека државата ниту во 2025 година не ја испочитувала законската обврска од Законот за судски буџет, според која за судската власт мора да се издвојуваат најмалку 0,8 отсто од бруто-домашниот производ. Наместо тоа, првично одобрениот буџет од 2,97 милијарди денари во текот на годината бил скратен за над 32 милиони денари и сведен на 2,94 милијарди денари, од кои 79,24 отсто заминале за плати и надоместоци.