Германски медиумски магнат сака да земе удел во европскиот бизнис на TikTok


Матијас Депфнер, извршен директор и ко-сопственик на германскиот медиумски концерн Axel Springer, настојува неговата компанија да земе удел во европските операции на TikTok. Тој му го презентираше планот на Чарлс Кушнер, американскиот амбасадор во Франција, пишува Financial Times, повикувајќи се на извори запознаени со разговорите.

Според FT, Депфнер го угостил Кушнер, таткото на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, на ручек во јануари во седиштето на Axel Springer во Берлин. Во таа прилика, тој предложил неговата компанија да биде дел од договорот за купување на европскиот дел од апликацијата, кој е во сопственост на Кина.

Модел на американскиот договор

Предлогот, според истите извори, е сличен на договорот што Трамп го постигна за одвојување на американскиот дел од TikTok поради загриженост за националната безбедност. Со овој договор, инвеститорите и кинеската ByteDance основаа заедничка компанија со седиште во Калифорнија, која доби поголема контрола врз алгоритмот и податоците на американските корисници.

Како што објавува Investing.com, Axel Springer потврди дека е заинтересиран за „европско решение“ за TikTok. ByteDance, од друга страна, ја отфрли идејата и изјави дека немало формални разговори за преземање.

Депфнер долго време се залага TikTok да премине во рацете на сопственици од демократски земји. Во мај, според Израел Хајом, тој го нарече TikTok една од најопасните пропагандни машини во светот и рече дека Европа треба да го следи американскиот пример.

Axel Springer е сопственик на Politico, германските весници Bild и Die Welt, а оваа година го купи и британскиот The Telegraph за 575 милиони фунти.