До 20 октомври повратот на ДДВ е 517,7 милиони евра, наплатата на даноците со раст од 11,5 отсто


Фото: Б. Грданоски

Наплатата на даноците во првите девет месеци од годинава е стабилна и со раст што е во рамки на планираната динамика. Од јануари до септември се наплатени даночни приходи од 1 милијарда и 857 милиони евра, што е зголемување од 11,5% во споредба со истиот период лани. Ова е значаен факт, особено имајќи во предвид дека со годишниот план е проектиран годишен раст на даночните приходи од 10,6%, што значи дека во првите 10 месеци е остварен повисок раст. Со јулскиот ребаланс до крајот на септември се реализирани 72% од годишниот план на даночни приходи и тоа е во рамки на вообичаената динамика во изминатите години, наведуваат од УЈП.

-Овие податоци се добра основа да очекуваме дека годишниот план и понатаму ќе се остварува стабилно и до крајот на годината ќе се оствари во висок процент, но секако, сега не можеме да прогласиме конечен резултат бидејќи во тек е четвртиот квартал од годината кој е значаен и наплатата на приходите ќе зависи од економските активности, потрошувачката, увозот, движењето во одделни сектори,… Очекуваме дека наплатата ќе продолжи стабилно да се одвива, рече денеска директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова.

Одговорајќи на новинарски прашања, откако претходно, на брифинг со новинарите, ги соопшти анализите за 2025 година, Петрова напомена дека продолжува оданочувањето на приходите од странство. Заокружен е процесот за 2020 година и веќе е во тек известувањето на граѓаните кои оствариле доход за 2021 година. 

-Законот мора да се спроведе и да важи еднакво за сите. Врз основа на нашите известувања, очекуваме дека граѓаните кои оствариле доход ќе ги поднесат пресметките и сите докази што се однесуваат на видот на доходот, платениот данок во странство, односно се што ќе води кон точно утврдување на даночната обврска, бидејќи во овие случаи имаме примена и на меѓународните договори за одбегнување на двојното оданочување и двојното ослободување. Сепак, известувањата што ги праќаме до граѓаните се известувања дека имаме одредени податоци и може во тие случаи да има и граѓани кои оствариле некој прилив по друг основ. Може да се случи и такво нешто, приливот да е по друг основ, да не е оданочив доход. Затоа, по тие известувања, граѓаните треба да реагираат доколку сметаат дека немаат оданочив доход. Кога ги доставуваме известувањата, не знаеме дали одредено физичко лице е студент, дали е вработено во меѓународна организација или каков е неговиот статус. Лицето треба да го докаже својот доход и дали се работи за оданочив доход, напомена директорката.

Во врска со стапката на ДДВ на горивата, потенцира дека и покрај намалувањето, може да се оствари солидна наплата на приходот.

-Намалувањето на стапката на ДДВ на горивата од 18% на 10% не можеме да сметаме дека автоматски и правопропорционално ќе се реплицира во намалување на ДДВ приходите во буџетот, зашто пресметувањето на обврската што треба да се плати во буџетот зависи и од продадените количини, од одбивката на ДДВ, од побарувачката, потрошувачката,… од сите многу економски фактори. Ние го имаме искуствено пролетното намалување на стапката на горивата од 18 на 10% во март и април и токму во тие месеци имавме висока наплата на ДДВ за промет во земјата и на ДДВ од увоз, што значи дека и покрај намалувањето на стапката на ДДВ на горивата може да се оствари солидна наплата на приходот. И во крајна линија оваа мерка и покрај тоа што е фискална мерка, сепак е мерка која што има пошироки економски ефекти, бидејќи треба да овозможи одржување на ценовното ниво, да се намали ценовниот притисок, особено имајќи предвид дека цените на горивата влегуваат како ставка во транспортните и производствените трошоци и влијаат врз цената и потрошувачката на сите добра и услуги, објасни Петрова.

Според неа, повратот на ДДВ се реализира континуирано.

-Тоа е една тековна активност, редовна работа на УЈП. Во 2026 година до 30 септември компаниите пријавиле побарувања за поврат на ДДВ од 449 милиони евра, а исплатени се 484 милиони евра. Исплатата реализирана до 20 октомври, дополнително во овие 20 дена, реализираниот поврат е 517,7 милиони евра и е повисок за околу 14% во однос на истиот период минатата година. Во блиското минато беа разоткриени шеми на злоупотреби со повратот на ДДВ и ние сме свесни дека на компаниите овие средства им се значајни за тековната ликвидност и тековното работење, но наша задача е да го заштитиме буџетот, да ги заштитиме чесните компании и граѓаните на кои им припаѓаат буџетските средства. Во процедурата на одобрување на повратот применуваме анализа на ризици и секаде каде што нашата анализа покажува дека нема ризици, исплатата се врши без никакви дополнителни проверки. Даночни контроли и додатни проверки насочуваме таму каде што констатираме ризици. Оваа година воведевме и нови критериуми за ризичноста на повратот на ДДВ и го автоматизиравме процесот, 

На прашањето дали се доцни со исплата, Петрова објасни дека таму каде што има контрола може да се продолжи исплатниот процес, зашто во вкупното време потребно за одобрување се додава и времето за вршење на надворешната контрола.

-Контролата не се насочува секаде, туку таму каде што има даночни ризици, па и каде што проценката на ризик ќе покаже определена ризичност секогаш не е мерката даночна контрола, туку некои определени дополнителни проверки – може даночниот обврзник да биде повикан, да донесе определена документација на увид или докази да даде определени појаснувања. Во такви случаи значи процесот може да трае подолго бидејќи треба да се направат и тие дополнителни активности. Во законот е пропишан рок од 30 дена за поврат на ДДВ како што има рок за плаќање на обврската за ДДВ која што е до 25-ти во месецот по завршувањето на даночниот период. Исто така постои законски рок за исплата на повратот на ДДВ, 30 дена по поднесувањето на барањето за поврат. Притоа законот предвидел дека се пресметува камата и камата на товар на даночните обврзници кои доцнат со плаќањето на ДДВ и камата што ја пресметуваме во корист на самите компании доколку го надминеме тој рок 30 дена, односно доколку повратот не биде исплатен во тој рок од 30 дена. Во голем број случаи го запазуваме рокот. Постапката бара повеќе време во случаи што се селектирани врз основа на анализа на ризик кога треба да ги допровериме дополнително со даночна контрола или со некои други проверки што не се даночна контрола, но сепак бараат административно постапување, вели Петрова.

Таа додава дека процесот на анализа на ризик со автоматизација и со воведување нови критериуми за ризик сега е поефикасен бидејќи самата автоматизирана анализа на ризик оди побрзо.

Бројот на компании кај кои има проверки, во однос на вкупниот број фирми кои поднесуваат барања за поврат е многу многу мал.

-Немам конкретни статистики кај колку компании сме процениле ризичност, но многу е помал бројот на компании каде што насочуваме контроли во однос на бројот на компании каде што се одобрува повратот. Но, и самото одобрување на повратот е исто така определена процедура. Даночниот обврзник треба да ја поднесе даночната пријава, таа треба да биде обработена, да поминае низ системот за проценка на ризик, а и нашите внатрешни механизми на одобрување се затегнати. Имаме прво и второ ниво на одобрување преку тела за одобрување кои ги проверуваат побарувањата за поврат и на тоа т.н. второ ниво на одобрување, барањето за поврат мора да биде верификувано истовремено од три раководни службени лица. Имаме засилени механизми на проверка и одобрување на повратите и кога нема даночна контрола, подвлече директорката на УЈП.